Светската здравствена организација (СЗО) ги коментираше наодите на француските научници дека првиот случај на коронавирус во таа земја бил забележан во декември, дури еден месец пред првиот официјален случај. СЗО ги повика сите држави да ги испитаат своите најрани случаи на коронавирус.
Болеста, подоцна наречена ковид-19, за прв пат била пријавена од страна на кинеските власти во СЗО на 31 декември и засега се сметаше дека не се проширила во Европа пред јануари.
„Ова ни дава сосема нова слика за сè“, рече портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, на брифингот на ООН во Женева, осврнувајќи се на откритието на Франција.
„Новосоздадената состојба го олеснува разбирањето на потенцијалната циркулација на вирусот“, додаде тој, истакнувајќи дека претходните случаи на инфекција со коронавирус би можеле да бидат откриени со повторно тестирање на примероци на пациенти.
Една француска болница ги повторила тестовите на пациенти кои страдаат од пневмонија и открила дека еден заболен бил позитивен на коронавирусот, уште од 27 декември.
Тоа е речиси еден месец пред француската влада да ги потврди првите официјални случаи на коронавирус.
Нема докази во овој момент дека вирусот се проширил од каде било, освен од Вухан. Наместо тоа, францускиот случај се смета дека е некако поврзан со личност која патувала од Кина за Франција во текот на декември, додава портпаролот на СЗО.
Сепак, францускиот пациент немал директна врска со Кина, па експертите детално го истражуваат случајот.
Линдмаер апелираше до другите држави да ги проверат нивните случаи на пневмонија или други кои датираат од крајот на 2019 година, бидејќи може да даде нова и почиста слика за пандемијата.
На прашањето за потеклото на вирусот во Кина, Линдмаер рече дека е многу, многу важно да се истражи сето тоа.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД имаат докази оти новиот коронавирус е производ на лабораторија во Вухан, и покрај тоа што научниците уверуваат дека станува збор за вирус од животинско потекло.
„Ова ќе бара дополнителни мисии во Кина и ние очекуваме нови истраги“, додаде Линдмаер.



