Предноста на Џо Бајден над претседателот Доналд Трамп во поддршката на јавноста се намали во последните неколку недели, додека претпоставениот демократски кандидат за претседател се бори за видливост кај гласачите за време на пандемијата на коронавирус, според објавената анкета на Ројтерс/Ипсос.
Анкетата покажува дека 43% од регистрираните гласачи би го поддржале Бајден на претседателските избори на 3 ноември, додека 41% изјавиле дека ќе го поддржат Трамп.
Резултатите се тесни, па неизвесно е кој би победил кога би биле изборите сега.
Бајден водеше со 6-процентни поени во слична анкета минатата недела.
Поранешниот потпретседател беше принуден да води кампања од својот дом во Делавер, поради ограничувањата како дел од борбата против коронавирусот, од кој починаа повеќе од 70.000 луѓе во Соединетите Држави и остави 30 милиони луѓе без работа.
Наспроти тоа, Трамп се постави на чело на американскиот одговор на пандемијата, со редовни брифинзи во Белата куќа кои се одржуваа до неодамна.
Некои од најчестите наслови за Бајден се фокусираат на поранешната асистентка во канцеларијата на сенаторот, која наводно сексуално ја нападнал во 1993 година.
Минатата недела Бајден изјави дека нападот никогаш не се случил и го повика Сенатот да објави кој било документ поврзан со обвинувањата на Тара Рид, која работеше како асистенткa во канцеларијата на сенаторот Бајден од декември 1992 до август 1993 година.
Политичкото влијание на ситуацијата сè уште не е јасно во анкетата на Ројтерс/Ипсос, која покажува дека 53% од американската јавност изјавиле дека се „донекаде“ или „многу“ запознаени со наводите на Рид.
Според анкетата, 45% од Американците велат дека Трамп е посоодветен за создавање работни места, додека 32% велат дека Бајден е подобар кандидат.
37% од американската јавност смета дека Трамп треба да има водечко место во одговорот на пандемијата на коронавирус, додека 35% би сакале на тоа место да го видат Бајден.
Севкупно, 42% од Американците велат дека го одобруваат однесувањето на Трамп на власт, а 53% не го одобруваат.
Популарноста на претседателот остана релативно непроменета повеќе од една година.
Анкетата Ројтерс/Ипсос беше интернетски спроведена на англиски јазик низ САД.
Одговорија 1215 возрасни Американци, вклучувајќи 1015 кои се идентификуваа како регистрирани гласачи.