Обвинувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп дека поради политичките разлики му го завртел грбот на Њујорк, градоначалникот на „Големото јаболко” Бил де Бласио изјави дека економијата на неговиот град за време на пандемијата на Ковид-19 веќе загубила 7,4 милијарди долари и нема гаранции во однос на финансиска помош од федералните власти.
Де Бласио повика на усвојување четврти стимулативен пакет за градовите и државите во САД, наведува Си Ен Ен.
– Она што ни е потребно е поттик кој ќе ни овозможи на сите повторно да застанеме на нозе и заедно да постигнеме успех… Ако нема силен четврти поттик за градовите и државите, нема да има национално економско заздравување, нагласи градоначалникот на Њујорк.
Тој предупреди дека економијата на Њујорк нема да може да се врати на нормалното функционирање и нудење основни услуги, се додека не добие поттик, додавајќи дека „можеби ќе биде принуден да отпушта или да испрати на принуден одмор припадници на клучни служби во борбата против коронавирусот, луѓе од првата линија, полицајци, пожарникари и наставници”.