Германија го забрзува ублажувањето на мерките

Германија денеска одлучува да прескокне повеќе важни фази од ублажувањето на рестриктивните мерки воведени за справување со коронавирусот.

Според предвидениот план меѓу владата и регионите, ќе се овозможи отворање на сите продавници и училишта во мај, пренесува агенцијата „Франс прес“, која имала увид во документот.

Како што се вели, ова е овозможено поради тоа што бројот на инфекции со коронавирус останал мал по првата фаза на ублажување на мерките и досега не е забележан нов бран на зараза.

Сите училишта, вклучително и основните, како и детските игралишта, ќе можат да се отворат, со некои дополнителни услови, почнувајќи од следната недела.

„Училиштата треба постепено да обезбедуваат настава за сите ученици со почитување на мерките за хигиена и оддалеченост“, се наведува во нацрт-договорот, кој треба да биде официјално усвоен подоцна денеска од страна на канцеларката Ангела Меркел и претседателите на германските региони.

Германија претходно одобри отворање на средните училишта. Договорот остава покраините сами да одлучуваат за отворање на универзитетите.

Друго ограничување што ќе се прескокне е дека сите продавници можат да се отворат со почитување на хигиенските услови и со контрола на влегувањата за да избегнат редови, се вели во документот.

Ова се однесува на поголемите продавници над 800 квадратни метри, бидејќи на помалите претходно им беше дозволено да продолжат со работа.

Документот, исто така, остава отворена можност 16 германски региони да одлучат за отворање на рестораните, кафулињата, баровите и хотелите. Неколку германски покраини веќе ги презедоа овие чекори во последните денови, како на пример Баварија.

Регионалните министри за економија се согласија да дозволат секторот на гастрономија да се отвори од 9 мај.

Последното големо ограничување што ќе остане на сила во Германија и во текот на следните месеци, а е врзано со пандемијата на Ковид-19 е забраната за големи спортски и културни настани или прослави. Според документот, ова ќе продолжи барем до крајот на август.

Сè уште нема никаква информација во однос на отворањето на границите за патувања и одмори.

Треба да знаете
Последни објави