Германскиот Сојузен уставен суд одлучи дека купувањето на обврзница од Европската централна банка е нелегално според германските закони, со исклучок само доколку банката докаже дека целта на програмата е оправдана. Највисокиот суд во Германија и даде рок од три месеци на ЕЦБ да го оправда купувањето обврзници со програмата за стимулирање на економиите во еврозоната, пишува „Дојчевеле“.
Одлуката на германскиот Уставен суд ги става под знак прашање не само иднината на програмата на ЕЦБ за помош на загрозените економии од еврозоната во екот на пандемијата на коронавирусот, туку и на еврото.
Најпрво таа е тежок удар за шемата на купување државни обврзници вредна 2.000 милијарди евра со што требаше да и се помогне на економијата во еврозоната да ја преброди кризата започната уште 2015 година.
Истовремено одлуката отвора и директен судир меѓу германскиот Уставен суд во Карлсруе и Европскиот суд на правдата- највисокиот суд во рамките на ЕУ, поставувајќи го прашањето за супремацијата во вакви ситуации.
Од ЕУ попладнево изјавија дека последниот збор и натаму го има судот на ЕУ, додека од ЕЦБ најавија итен состанок.
Одлуката на судот во Карлсруе практично и овозможува на германската Бундесбанк- која е најголем учесник во програмата на ЕЦБ- да продолжи да учествува во програмата доколку ЕЦБ докаже дека такво нешто е неопходно, и покрај негативните ефекти како ризикот за парите на даночните обврзници и зависноста на владите од финансирањето од народните банки.