По Владата вчера и централната банка излезе со проекција за намалување на економската активност годинава. Народната банка ја ревидираше стапката на раст и најновата проекција е намалување за 3,5 отсто, што е за 0,1 отсто повеќе од предвидувањата на Минитерството за финансии, според кое кризата од коронавирусот ќе ја намали активноста на македонската економија за 3,4 отсто.
-Контекстот на макроекономските проекции е променет, заради пандемијата на ковид-19. Со оглед на преземените мерки, неопходни за спречување на ширењето на вирусот, во 2020 година се очекува значајно намалување на глобалната побарувачка, пад на цените на примарните производи на светскиот пазар, привремено нарушување на глобалните и регионалните синџири на снабдување, промени во однесувањето на населението, затегнување на глобалните финансиски услови и аверзија кон ризик на инвеститорите. Иако шокот е од неекономска природа и оттаму засега не се очекува да има позначајни ефекти врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите, неговите ефекти на краток рок се очекува да бидат изразени, со што во 2020 година се очекува најголемата глобална рецесија по големата депресија. Македонската економија ќе биде погодена преку каналот на неповолното глобално окружување во целина, но како и во сите други економии, мерките за сузбивање на вирусот, исто така ќе имаат привремени неповолни ефекти. Најновите проекции вградуваат основна претпоставка дека шокот од ковид-19 ќе биде краткорочен и главниот удар врз економијата ќе се почувствува во вториот квартал, а потоа се очекува постепена нормализација, сметаат од Народната банка.
Според гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, светот се соочува со една од најголемите и најтешките здравствени кризи од почетокот на 90-те, која за разлика од претходните, се одликува со исклучително брз степен на пренос, што неминовно бара преземање брзи и силни мерки за нејзино сузбивање.
Генерално, истакнува, се очекува дека здравствениот шок барем на краток рок ќе има поголеми економски ефекти, а силината на ефектите во одделните земји ќе зависи од успешноста на здравствените мерки и брзината на рестартирањето на капацитетите, здравоста на билансите на приватниот сектор за апсорбирање на шокот, како и од реакцијата на фискалната, монетарната и на финансиските политики, со цел ублажување на ефектите.
Се очекува пад кај сите компоненти на БДП, освен кај јавната потрошувачка. Кај личната потрошувачка се очекува пад од околу 4 отсто поради пад на расположливиот доход во услови на неповолен пазар на труд и пад на приватните трансфери, забавување и на кредитната поддршка, зголемена неизвесност и воздржаност, кај бруто инвестициите пад од околу 10 отсто поради помали странски, но и домашни-јавни и приватни инвестиции, поради зголемена неизвесност и забавена кредитна подршка. Кај извозот пад од околу 17 отсто, поради намалена странска побарувачка, застој во синџирите на снабдување и домашни рестриктивни мерки и намалената лична и инвестициска побарувачка, а падот на извозот ќе доведе и до пад на увозот од околу 15 отсто.
Гувернерката потенцира дека најновите проекции значат целосно редефинирање на макроекономската
слика за оваа година и дека на краток рок се проценуваат неповолни ефекти во повеќе сегменти, но се очекува задржување на здравите фундаменти што ќе биде од исклучително значење во периодот на опоравување.
Порача дека Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, како и промените во домашните и надворешни услови, со цел соодветно прилагодување на монетарната политика и најави дека доколку се случат поголеми отстапувања повторно ќе направат ревизија на проекциите, не би чекале во октомври.
Во вакви услови, според неа, неопходно е да регираат носителите на политиките и имајќи ја предвид природата на шокот,оценува деа најефкективни би можеле да бидат фискалните мерки, кои за да можат да се импелементираат неопходни сесоодветни извори на финансирање. Ова, како што рече, значи дека ние на краток рок очекуваме поекстапнзивна фискална политика која ќе дојде преку два канала намалени приходи и зголемени расходи, кои ќе бидат насочени кон импементирање на фискалните мерки. Сето ова на краток рок кај нас, како и кај сите останати, ќе значи и притисок врз нивото на јавниот долг. Прелиминиарни проценки на ММФ кои очекуваат нивото да се зголеми во просек за околу 5 проценти, се слични со проценките на НБ. Но, ова се прелиминарни проценки, подобри согледувања ќе има кога ќе се направи ребалансот на Буџетот, кога ќе се види кој ќе биде проценетиот буџетски дефицит затоа што тоа е една од клучните варијабили која ја дефицинира потребата од финансирање и нивото на јавен долг.
Домашните предвидувања се блиску до оние на меѓународните институции. За Светска банка најновата проекција е забавување на нашата економија помеѓу – 1,4 до – 3,2 проценти, додека на ММФ е намалување за четири проценти.
Цетралната банка проектира раст на економијата за следната година од 4,7 отсто. Во 2021 година, во услови на нормализација на економскиот амбиент, се очекува закрепнување на економијата, поддржано од сите извори на растот. За 2022 година, се задржува оцената за годишна стапка на раст на домашната економија од околу 4 отсто, вградена и во октомвриското сценарио, оценуваат од Народната банка.
Ефектите од кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, а во четвртото закрепнување на економијата и раст, смета министерката за финансии Нина Ангеловска, оценувајќи дека засега работите се одвиваат подобро од предвиденото сценарио на Министерството за финансии.
Според советникот на премиерот Фатмир Битиќи, економските политики на Северна Македонија во последните три години покажаа дека мерките носеле и ќе носат резултати. За тоа, смета, зборуваат и проекциите на Светска банка, според кои се проценува дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.
Меѓу мерките што ги презела Владата за помош на стопанството вчера на прес-конференција ги наведе повратот на ДДВ, по кој основ, како што рече, од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле 145 милиони евра, за 16,7 отсто повеќе во однос на претходната година. Само за април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари – април е зголемен за 19,4 отсто, додека во однос на 2017 година за високи 67,6 отсто повеќе.
Битиќи укажа дека со владината Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеци март, април и мај година. Заедно со поволностите од Уредбата која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за март, април и мај 2020 година придобивките од тие две уредби ги искористиле околу 1.200 компании.