Македонското еколошко друштво ја поздравува одлуката на Владата донесена на 49. седница за прифатливост на иницијативата за прогласување дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – Национален парк, како што е истакнато, тргнувајќи од јасна политичка волја и определба да се стават под заштита природните убавини и реткости.
„Во следните месеци треба да се води транспарентен процес со вклучување на сите засегнати страни на јавните трибини, како и отворен пристап за надминувања евентуални недоразбирања меѓу разните сектори. Со прогласувањето на НП Шар Планина ќе се формира едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа, со што ќе се приближиме до остварување на државните стратешки определби за зачувување на нашето природно наследство. Тоа ќе придонесе за поефикасна заштита на биолошката разновидност и природата, а ќе се отворат можности за одржлив социо-економски развој на подрачјето и локалните заедници“, е ставот на Македонското еколошко друштво.