Пратениците на српскиот Парламент вечерва го усвоија предлогот за укинување на вонредната состојба, како и предлог-законот за важење на уредбите донесени за време на вонредната состојба. За одлуката гласаа 155 пратеници, никој не беше против, а еден пратеник беше воздржан.
Најголемиот дел од опозицијата ја бојкотираше седницата на собранието, а утринава имаше и инцидент предизвикан од лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, кој беше исфрлен од седницата.
Вонредната состојба во Србија беше воведена на 15 март поради епидемијата на коронавирус, а бидејќи националното собрание не беше во можност да се состане, таа одлука заеднички ја донесоа претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателката на собранието Маја Гојковиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
Одлуката за воведување на вонредна состојба срспското Собрание ја потврди на 29 април.