Самитот ЕУ – Западен Балкан кој се одржа виртуелно наместо во Загреб поради пандемијата на Ковид-19 донесе пред сѐ економски и финансиски заложби. Иако санитарната криза го забавува процесот, лидерите на ЕУ институциите инсистираат дека регионот останува врвен приоритет за нив, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Одржувањето на овој самит сведочи за тоа дека западниот Балкан е апсолутен приоритет за ЕУ и за мојата Комисија, регионот припаѓа во ЕУ, нема сомнеж околу тоа и ние имаме одговорност да им помогнеме на нашите партнери во регионот, посебно во однос на последиците од коронавирусот, беа зборовите на претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на прес- конференцијата по завршувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан.
Пакет од 3,3 милијарди евра за шесте земји од регионот, пристап до алатки за борбата против вирусот, алатки кои им се вообичаено достапни само на земјите членки на ЕУ, помош за малите и средните претпријатија во делот на економското закрепнување, ова се некои од иницијативите кои претседателката на ЕК, фон дер Лајен, Шарл Мишел претседател на Европскиот Совет, и Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска чија земја претседава со ЕУ, ги упатија на прес – конференцијата.
Останува дека конкретните прашања поврзани за процесот на проширувањето кон регионот, како отворањето на преговорите со Скопје и Тирана или отворање на нови поглавја со Подгорица и Белград, очекувано не беа дел од оваа средба.
Сепак, повеќе пати беше поздравена одлука за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, донесена на 26 март годинава.
-Како Хрватска сметаме дека крајно време беше да се донесе одлуката за Северна Македонија и Албанија, како и за новата методологија за пристапните преговори, изјави хрватскиот премиер, надоврзувајќи се на зборовите на Урсула фон дер Лајен која повтори дека оваа одлука претставува “силен сигнал”.
Декларираната цел на новата методологија на пристапните преговори е и да донесе забрзување на процесот зависно од капацитетот на секоја земја.
-Демократските стандарди постојат за да овозможат забрзување на процесот, преговорите се трансформативен процес и колку е земјата поангажирана повеќе напредува, како и да е „останување на паркингот” не е поттик, изјави Пленковиќ.
Хрватскиот премиер оцени дека ЕУ испорача во однос на очекувањата на земјите од регионот, додека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, потсети дека “до пред неколку месеци”, ЕУ не беше во можност да се усогласи во однос на проширување, алудирајќи на блокадата за преговорите со Северна Македонија и Албанија минатата есен, разлики кои се денес надминати, тврди ЕУ.
-Токму поради нашиот политички ангажман ја донесовме одлуката за Северна Македонија и Албанија и нашата порака е многу силна, а после кризата со Ковид-19 ќе биде суштински да развиеме силна стратегија, да инвестираме на краток и на долг рок, да се намалат тензиите, да се имплементираат реформите, додаде Мишел.
Процесот, меѓутоа, неизбежно ќе се забави поради глобалната санитарна криза.
-Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување, призна фон дер Лајен.
Сепак, за неа, кризата може да се искористи за да се консолидира процесот.
Еден од предлозите на Комисијата е, подоцна во текот на оваа година, како дел од преговорите за буџетот на ЕУ, да се понуди и широк „Економски и Инвестициски План” за регионот за да им се помогне на земјите и на компаниите да се справат со финансиските последици од кризата.
-Ако сме паметни и обединети можеме да ја искористиме кризата за да се зближиме, по рестриктивните мерки ќе следи огромна економска штета, и ако се движиме кон програма за закрепнување, како што е инвестицискиот пакет, во кој ќе се фокусираме на поврзување, дигитализација и на Зелениот пакт, можеме заедно да го надминеме ова, рече фон дер Лајен.
Европската перспектива е потврдена од страна на земјите членки и на институциите на ЕУ, стои и во завршната декларација, а таа перспектива останува во најголем дел во рацете на земјите од регионот и нивниот реформски капацитет.
-За време на оваа средба имавме прилика да ја потврдиме уште еднаш европската перспектива на партнерите од западниот Балкан, потврдувањето е многу важен сигнал дека треба да продолжат реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, рече претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.