Француската фармацевтска компанија „Санофи СА“ ќе вклучи илјадници испитаници во тестирање на експериментална вакцина против коронавирус која ја развива со компанијата GlaxoSmithKline Plc.
„Санофи“ развива две можни вакцини за спречување на „Ковид-19“, болест предизвикана од новиот коронавирус и, како што известија, истражуваат неколку опции за нејзино производство, вклучително и нови соработки за да се осигури дека можат да одговорат на побарувачката, доколку која било од програмите се покаже дека е успешна.
Фармацевтските компании итно бараат да развијат лекови и вакцини за многу заразниот коронавирус кој предизвика смрт на повеќе од 255.000 луѓе ширум светот, зарази повеќе од 3,6 милиони луѓе и ги опустоши економиите ширум светот.
Од повеќе од 100 можни вакцини што се развиваат, десет досега влегоа во фаза на клиничко тестирање, објави Калифорнискиот институт „Милкен“.
„Санофи“, чиј оддел „Пастер“ има искуство во вакцини против грип, во соработка со британската компанија GlaxoSmithKline (GSK), издвои кандидати за вакцината за која се надева дека ќе биде готова следната година.
Првото испитување на вакцината, во кое би биле вклучени стотици субјекти, би можело да започне во септември, се надеваат во „Санофи“.