Американскиот амбасадор во Израел Дејвид Фридман денеска изјави дека Вашингтон е „подготвен да го признае суверенитетот на Израел врз деловите од Западниот брег”.
Фридман кажа дека останува на Израел да одлучи дали сака да го спроведе планот за анексија на еврејските населби и дека, доколку го стори тоа, Вашингтон ќе го признае.
„Ние не прогласуваме суверенитет, туку Израел, и подготвени сме да го признаеме”, рече Фридман за израелскиот весник „Израел Хајом”.
Тој објасни дека до тоа може да дојде по изработката на мапите и кога израелскиот премиер ќе престане да преговара со Палестинците врз основа на блискоисточниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израел го освои Западниот Брег со Источен Ерусалим во војната во 1967 година и денес таму живеат околу 700.000 Евреи.
Трамп на 28 јануари го откри планот што предвидува САД да го признаат суверенитетот на Израел над деловите од окупираниот Западен Брег откако ќе заврши мапирањето, за што е надлежна заедничка американско-израелска комисија.
САД ова признавање го условуваат со четиригодишно замрзнување на изградбата на еврејски населби во областите определени за идната држава Палестина, а тие исто така ја бараат и посветеноста на Израел на преговари со Палестинците, во согласност со одредбите на мировниот план на Трамп.
Според договорот за коалиција меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху, лидер на конзервативниот Ликуд, и неговиот поранешен ривал Бени Ганц, лидер на партијата Сино и бело, новата израелска влада, што допрва треба да се формира, од 1 јули може да го почне донесувањето закони за анексирање на Долината на реката Јордан и еврејските населби.
И американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна изјави дека Вашингтон нема да се меша во анексијата и дека „Израелците ќе донесат одлука за тоа”, но дека САД ќе соработуваат тесно.
Планот на Трамп предвидува палестинска држава во преостанатите делови на Западниот Брег, под услов таа да биде демилитаризирана и да ги исполни тешките услови.