Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд Велес денеска поднесе предлози за издавање на казнени налози за 5 лица кои за време на продолжениот викенд по повод Велигденските празници го прекршиле полицискиот час, информираат од ОЈО Велес.
– Обвинетите не ја почитувале Одлуката на Владата на Република Северна Македонија со која се забранува движење на населението на територијата на државата, а со цел спречување и сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот. Со тоа, сите обвинети во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, велат од обвинителство.
Обвинителството му предложи на Судот, на обвинетите да им изрече парични казни во висина од по 40 дневни глоби во износ од по 20 евра, односно по вкупно 800 евра во денарска противвредност.
И три лица во Струга сториле кривично дело- непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, соопштија од ОЈО Струга.
– Тие не ги почитувале мерките и одлуките за забрана на движење на населението, па за време на полицискиот час на 18 и 19 април 2020 година, без дозвола, пеш или со возила се движеле низ градот, истакнуваат од обвинителство.
Основното јавно обвинителство Струга со предлозите за издавање казнени налози побара од Судот на обвинетите да им изрече парични казни во износ од по 100 дневни глоби, со предлог да ја определи висината на дневните глоби за секој од нив од по 30 евра во денарска противвредност.