Инспекторите од УЈП иако се на терен и спроведуваат контроли на прометот, овој период не изрекуваат казни, рече во вечерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на Алсат директорката на Управата, Сања Лукаревска.
Според неа, голем дел од даночните обврзници го злоупотребуваат периодот на засилени мерки за заштита од ширењето на вирусот и не издаваат фискални сметки.
-Свесни сме дека има огромна злоупотреба, дека некаде не се издаваат фискални сметки. Според нас, секој треба да биде општествено одговорен и како обврзник и како човек, пред сѐ, дека сега е најбитно да придонесеме во развојот на економијата, односно во полнење на буџетот“, рече Лукаревска.
Компаниите, пак, коишто аплицирале за државна помош за исплата на плата на вработените в понеделник ќе дознаат дали се меѓу оние коишто ги исполниле условите за добивање на помошта.
-Списоците ќе бидат истакнати на интернет страната на УЈП и потсети дека терминот за апликација за април истекува утре. Потоа ќе ги сортираме податоците, ќе ги обработиме и ќе составиме соодветна евиденциска листа до Генералниот секретаријат на Владата од каде што ќе се врши исплатата, појасни Лукаревска.