Хотелите во Мајорка во одморалиштата на Магалуф и Палма Нова нема да бидат отворени на 11 мај, иако имаат дозвола од шпанската влада.
Главната причина за тоа е отсуството на туристите, особено оние од Велика Британија, пренесува „Сан“.
Островот Мајорка моли за повторно воспоставување на редовните летови затоа што работата на големите хотелски комплекси е невозможна ако тоа не се случи наскоро.
Сепак, шпанската влада не даде никакви одредници кога ќе бидат отворени аеродромите и пристаништата, но тие посочија дека локалните туристи ќе бидат првите што ќе можат да дојдат на одмор.
Магалуф и Палма Нова се едно од омилените одморалишта за туристите од Велика Британија, кои се очекуваше да бидат најбројни и оваа година, и покрај плановите за спречување на продажбата на алкохол и ограничување на бројот на пијалаци во сите „ол инклузив“ хотели.
Со одлука на шпанската влада, хотелите можат да продолжат со работа од 11 мај, но со ограничувања и мерки за безбедност како што се ограничен број на луѓе околу базенот и во просториите за јадење.
Хотелите ќе треба да обезбедат затворање на заедничките простории и велат дека немаат идеја како да го постигнат тоа.
Во подоцнежната фаза, забраната за употреба на заеднички простории и површини ќе биде укината, но сепак ќе има сериозни просторни ограничувања.