Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ одговори на новата провокација на унгарскиот премиер Виктор Орбан по објавувањето на картата на „голема Унгарија”.
– По повод картата / глобус на која се гледа хипертрофирана Унгарија, инаку соседна и, во поновата историја, пријателска држава, која моментно е во тесна контрола на хроничните „картомани”, мојата порака за охрабрување до хрватските ученици пред матурирањето гласи: Хрватска е модерна европска земја и нација. Во нашите плакари и архиви се наоѓаат бројни историски карти и мапи кои ја покажуваат нашата татковина многу поголема отколку што е денес. Плакарите на повеќето европски земји кријат слични содржини. Не ги „споделувајте” и ставате на вашите профили. Тие не се актуелни или достижни денес и, уште поважно, тие бескрајно ги иритираат нашите соседи. Исто како што нè иритираат нас, но секојпат одново не изненадуваат „историските” карти кои, како мрачен фетиш, практично и предвидливо излегуваат од страниците на некои „лидери” во соседството, напиша Милановиќ на Фејсбук.
Тој оцени дека станува збор за провокација од оние, како што вели, „кои многу добро знаат дека тие карти и натаму остануваат само во плакарите”.
-Учете историја, но гледајте во иднината, им порача Милановиќ на матурантите во Хрватска.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, вчера преку својот Фејсбук профил, упати честитка до матурантите кои полагаат историја, проследена со картата на „голема Унгарија”. На таа карта, во границите на Унгарија е територија која зафаќа голем дел од Хрватска, сè до Риека и Далмација.
Орбан и во декември објави фотографија на „голема Унгарија”, кога претседателството на неговата партија Фидес одржа состанок пред големата карта на „историска Унгарија”.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ тогаш рече дека тоа не е првпат таа карта да се покажува на состаноците на Фидес, оценувајќи дека „хрватските граници се онаму каде што се”.
Во јуни минатата година, официјалната унгарска страница на Твитер на англиски јазик „About Hungary” објави илустрација со која се сугерира дека по Прватска светска војна и Трианонскиот договор, на Унгарија и биле одземени две третини од територијата, меѓу кои и 63 илјади километри квадратни, кои се дел од денешните Хрватска, Словенија и Србија, односно Војводина. Словенија изрази осуда, додека Хрватска не реагираше.