Проштална средба на претседателот Пендаровски со германскиот амбасадор Герберих

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Норберт Герберих.

На средбата беа разменети мислења за развојот на севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Претседателот Пендаровски се заблагодари за силната и отворена поддршка на Германија во остварувањето на стратешките цели на Република Северна Македонија и изрази задоволство што токму во мандатот на амбасадорот Герберих се реализираше една од нив – членството во НАТО, а беше и донесена одлука од страна на Европскиот Совет за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошна силна германска поддршка во реформските напори на државата, во контекст на аспирациите за членство во Европската Унија.

На средбата претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека за Република Северна Македонија од исклучително значење е градењето на пријателски односи со Сојузна Република Германија, преку искрен и доверлив пристап.  Двете држави, оцени претседателот Пендаровски, имаат одлични билатерални односи, како на политички план, така и во повеќе други сфери од заеднички интерес, како што се одбраната и безбедноста, економијата и образованието. За Северна Македонија, истакна претседателот Пендаровски, од особено значење е фактот што Германија е на врвот на листата на најголеми трговски партнери.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупниот дипломатски ангажман на амбасадорот Герберих и му посака успех во натамошната работа.

Треба да знаете
Последни објави