Северна Кореја гради огромно складиште според новата серија сателитски слики што заеднички ги анализираа Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон и „Џејнс интелиџенс ривју“.
Новата база во неосредна близина на главниот аеродром во Пјонгјанг, наводно се состои од подземни складишта и хангари доволно високи за во нив да се смести интерконтиненталната балистичка ракета (ИЦБМ) „Хвасонг-15“ во исправена положба за тестирање и одржување. Исто така, во нив може да се смести мобилниот „транспортер-исправувач-фрлач“ (ТЕЛ) на кој може незабележително да се носат низ целата земја и да се избегне уништување пред лансирањето.
Објектот располага со сопствен железнички терминал со скриена област за утовар за да се спречи опремата што влегува и излегува да биде откриена од шпионски сателити.
Според Џозеф Бермудез, автор на извештајот, структурата наречена „Сил-ли објект за поддршка на балистички ракети“ може да ги смести во себе сите познати и очекувани балистички ракети на Северна Кореја и нивните лансери за одржување, складирање на балистичките ракети и нивните транспортери или каква за било комбинација на овие функции.
Се верува дека подземното складиште е изградено во ’80-те години на минатиот век како засолниште од напади за борбените авиони кои требало да го заштитат Пјонгјанг во случај на војна. Авионите подоцна биле преместени на друго место и складот излегол од употреба.
Одделно има 17 бази за противвоздушна одбрана и касарна – во радиус од пет километри од базата, која, наводно, е заштитена со ракети земја- воздух.
„Иако прецизната функција на објектот е нејасна, неговата конфигурација и големината на зградите и на подземниот објект укажуваат дека може да се користи за склопување балистички ракети од компоненти испорачани со железница од околните фабрики“, се вели во извештајот.
„Хвасонг-15“ беше тестиран во ноември 2017 година и оттогаш стана обележје на нуклеарните аспирации на земјата. Во тоа време, во државните медиуми се славеше како нов вид систем за интерконтинентално балистичко ракетно оружје кој може да носи супертешки нуклеарни боеви глави и да го нападне целото копно на САД.
Сепак, лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун почна процес на приближување со САД што досега резултираше во три значајни средби со претседателот Доналд Трамп. На пример, пред нивниот прв самит во Сингапур тој се согласи да ги прекине нуклеарните тестирања и тестирањата на ИЦБМ.