Шефот на турската Дирекција за одбранбена индустрија Исмаил Демир денеска изјави дека Турција продолжува да произведува и испорачува делови за Ф-35 иако е исклучена од програмата.
Турција во јули минатата година беше исклучена од програмата за производство на авиони Ф-35 поради набавка на ракетниот систем С-400 од Русија. Тогаш Белата куќа тврдеше дека набавката на рускиот систем ги подрива договорите со НАТО и билатералните договори.
– Во САД едно време се подразбираше дека од Турција веќе нема да се купува ништо за Ф-35 по март 2020 година, но таквиот пристап веќе не постои, изјави Демир, додавајќи дека неговата земја останува „лојален партнер” во програмата Ф-35.