Групата на Европската инвестициска банка ќе го поддржи социјалното и економското закрепнување на Западен Балкан од пандемијата на Ковид-19 со 1,7 милијарди евра. Тоа, како што наведуваат во соопштение, е дел од пакетот со финансиска поддршка за регионот вреден 3,3 милијарди евра што беше објавен на 29 април од Европската комисија, а ги следи напорите на „Тимот Европа” за поддршка на Западен Балкан.
Директни корисници на пакетот со поддршка од ЕУ ќе бидат националните здравствени сектори и малите и средните претпријатија што, исто така, има цел зајакнување на националните банкарски сектори и обезбедување техничка поддршка за реализирање развојни проекти и стимулирање на многу потребните инвестиции.
-Заради ублажување на здравствените, социјалните и на економските последици од пандемијата, ЕИБ ќе обезбеди нови финансиски средства и ќе ги забрза потпишувањето и распределбата на одобрените кредити за клиентите од приватниот и од јавниот сектор од Западен Балкан, при што околу 600 милиони евра се наменети за приватниот сектор, наведуваат во соопштението.
-Наспроти огромните предизвици што се создадени од кризата со Ковид-19 во рамките на самата ЕУ, Унијата ја покажа својата непоколеблива поддршка за нејзините партнерски земји и својата посветеност на меѓународната соработка и координација. На огромните потреби во регионот може да се одговори само со тимска активност и ЕИБ се радува да даде свој придонес во Инвестициската рамка за Западен Балкан и во претстојниот Економски и инвестициски план за закрепнување, изјави Вернер Хојер, претседател на ЕИБ.
Оливер Вархеј, комесар на ЕУ за соседство и проширување оценува дека државите од Западен Балкан во одговорот на пандемијата на Ковид -19 се третираат како привилигирени партнери и идни земји членки. – Заедно со ЕИБ сме ангажирани во испораката на важен финансиски пакет за поддршка на директните потреби и на економското закрепнување и сега сме сериозно фокусирани на забрзаното користење на овие средства во целиот регион. Брзата испорака е клучна и сите сме посветени на тоа. Нашата работа ќе продолжи додека се подготвуваме за сеопфатен економски и инвестициски план што ќе му помогне на Западен Балкан со долгорочно закрепнување, ќе обезбеди поттик за економиите и ќе ги поддржи реформите кога и ако тоа е потребно, истакна Вархеј.
Сетот мерки на ЕИБ за итни ситуации за Западен Балкан опфаќа: одобрување нови наменски финансиски средства со пофлексибилни услови и проширена квалификуваност, за поддршка на здравствениот сектор и на малите и на средните претпријатија и претпријатијата со средна пазарна капитализација што се погодени од пандемијата, забрзување на распределбата и на потпишувањето на постојните трансакции, пренасочување на постојните инструменти за поддршка на здравствениот и на приватниот сектор, зголемување на достапните финансиски средства од ЕИБ во рамки на „Ковид Топ-ап” и проширена квалификуваност за проекти од здравствената и од цивилната заштита што ги промовира јавниот сектор во согласност со неговата утврдена национална стратегија за подготвеност за пандемија и за итни ситуации.
-Нивото на поддршка што е потребно за регионот е огромно и наложува соработка на сите фактори, на земјите од регионот, институциите на ЕУ, меѓународните и европските финансиски институции и на земјите членки на ЕУ. Групата на ЕИБ е посветена на продолжувањето на нашата добра соработка со сите наши партнери од Западен Балкан, вклучително и преку платформи, како што е Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), стои во соопштението.
Покрај овој пакет на директна поддршка, ЕИБ продолжува со подготовка на портфолио на проекти, кое во моментов се проценува на 2,3 милијарди евра, за поддршка на долгорочен одржлив развој на регионот врз основа на неговиот капацитет да понуди достапни, долгорочни финансиски средства и техничка помош за Западен Балкан.
Во периодот од 2008 до 2019 година Групата на ЕИБ има инвестирано повеќе од 8 милијарди евра во регионалните економии во сите сектори, а тоа, како што истакнуваат, ја прави најголем меѓународен кредитор на Западен Балкан.
Во согласност со политиката на ЕУ и националните приоритети, ЕИБ ќе поддржува проекти што овозможуваат транзиција на регионот кон –еколошки прифатлива енергија, дигитализација, подобра можност за поврзување, отворање нови работни места и вработување на младите, заштита на животната средина и отпорност на природни катастрофи, со истовремено унапредување на регионалната соработка и на економската интеграција.
Главниот фокус на Банката на ЕУ во здравствениот сектор е ставен на модернизацијата, реструктуирањето и унапредувањето на јавниот здравствен сектор на Западен Балкан, со проекти со кои се промовираат еднаков пристап и унапредувања на квалитетот на грижата за пациентите.
ЕИБ е подготвена да обезбеди финансиски средства и техничка поддршка за здравствените системи на Западен Балкан заради решавање на недостатоците и на потребите, унапредување на болничката инфраструктура и нивно трансформирање во поинтегрирани и поиздржливи национални здравствени системи.
Паралелно со тоа, Банката на ЕУ им обезбедува на партнерите во регионот техничка помош од сопствените ресурси и преку грантови на ЕУ (на пример, ВБИФ) за реформа на здравствените сектори во согласност со најдобрите стандарди и практики на ЕУ, како и за натамошно зајакнување и изградба на нивните капацитети.
Од ЕИБ во соопштеието наведуваат дека малите и средните претпријатија се клучни за економски развој, иновации, социјална интеграција и за отворање нови работни места и вработување меоѓу 60 и 80 отст од активното население од Западен Балкан.
-ЕИБ ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат регионалните МСП како последица од пандемијата на Ковид-19. Групата ќе го зголеми финансирањето низ целиот свој спектар на производи и услуги што ќе им бидат достапни на МСП (кредити, гаранции и советодавни услуги). Цел е да се одговори на директните предизвици со кои се соочуваат МСП, како и да се одржи нивната способност за преземање идни инвестиции и закрепнување од сегашната криза. Дел од оваа поддршка ќе биде обезбеден со инструментот Фонд за развој на претпријатија и иновации за Западен Балкан (ЕДИФ), поддржан од ЕУ, велат од ЕИБ.
Појаснуваат дека кредитирањето на МСП и на претпријатијата со средна пазарна капитализација од ЕИБ претставува речиси половина од вкупното кредитирање во регионот до денес. Финансиските средства на ЕИБ се канализираат преку локалните финансиски институции, кои последователно ги користат овие средства за кредитирање на малите и на средните претпријатија. Само во изминативе десет години тие пристигнале до околу 28.400 МСП и поддржале повеќе од 200.000 работни места на регионално ниво.