Словенечката Влада после една недела подготовки излезе со информација за скандалозната набавка на респиратори и заштитна медицинска опрема за потребните на болниците, во која се обвинува поранешниот премиер Марјан Шарец за непреземање навремени мерки со цел заштитиа на земјата од коронавирусот.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, на 85 страници, хронолошки од средината на март до крајот на април, Владата ја објаснува набавката на опремата.
На десетата страна пишува дека „Владата на Шарец мораше да го ограничи патувањето во и од земјите во кои имаше висок ризик некој да се зарази со коронавирусот, поготово од Италија каде во тој момент болеста се ширеше во здравствените установи и домовите за стари лица”. За таквата постапка на Шарец според владата на Јанез Јанша се предвидува казна затвор до 8 години.
Владата во информацијата до јавноста наведува дека тие успеале да добијат пониска цена за заштитните маски и респираторите, но не кажуваат зошто се купените модели на машини за вештачко дишење, кои според лекарите од Универзитетските клинички центар во Љубљана се неупотребливи и како такви воопшто не ги користат за третирање на пациентите.
Инаку, претставниците на четирите најголеми опозициски парламентарни партии поднесоа интерпелацијата на министерот за економија Здравко Почивалшек и обвинија и можната систематска корупција во неговиот ресор при набавката на респиратори и заштитна опрема.
– Се работи за купување опрема со цел да се „нахранат” пријателите на Власта од приватниот сектор и тоа на сметка на граѓаните и државниот буџет. За тоа одговорност мора да има, изјави Миха Кордиш од партијата Левица.
Медиумите во Словенија пред околу десетина дена објави документи, со кои според нив се отвора голем сомнеж за корупција при набавката на респиратори и заштитна опрема на словенечките болници.
Лекарски конзилиум од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана објави дека респираторите кои државата ги платила милиони не ги исполнуваат бараните стандарди и како такви воопшто не се употребуваат, односно завршиле директно во магацините.
Овие респиратори според документите објавени во медиумите се набавени од фирмата Генепланет, платени комплетно со аванс, а во тоа директно бил вклучен министерот Почивалшек.