Средба на премиерот Спасовски со претставници на МАКАМ –ТРАНС: Важна е солидарноста од сите страни, дијалогот носи решенија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, се сретна со претставници на МАКАМ-ТРАНС, Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва, предводени од генералниот секретар на МАКАМ-ТРАНС, Биљана Муратовска.
На средбата е разговарано за актуелни прашања во врска со транспортната дејност, во генералното функционирање и во услови на здравствено-економската криза.
Претставниците на транспортерите ги пренесоа искуствата и предизвиците за работата во услови на кризата, коишто се поврзани и со промените начини на функционирање во европските земји и во светот.
Од страна на премиерот и на претставниците на Владата беа објаснети мерките што може да бидат од помош на работодавачите на превозните трговски друштва, како што се бескаматните кредити и мерката за 14.500 денари по вработен, како поддршка за фирмите погодени од кризата.
На состанокот е констатирано дека последиците од кризата ги чувствуваат сите: граѓаните, фирмите, сите сектори во државата, како и дека во вакви услови е важна солидарноста од сите страни, со цел надминување на тие последици во претстојниот период.
Разговарано е и за други тековни прашања во транспортната дејност, за што е договорено продолжување на соработката со формирање работни групи што ќе ги земат предвид ставовите на сите засегнати страни.
На средбата е оценето дека дијалогот е тој којшто носи решенија, за што е изразена волја и од двете страни.
Треба да знаете
Последни објави