Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја поддржува идејата на неговиот руски колега Владимир Путин, за самит со учество на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, изјави синоќа Тим Суливан, американски амбасадор во Москва.
Суливан посочи и дека САД планираат да ги обноват преговорите со Русија за контрола на вооружувањето.
Според него, Трамп неодамна му соопштил на Путин дека таа иницијатива е „добра идеја”. Сега се разгледуваат форматот и организацијата.
Во текот на посетата на Израел во јануари, Путин предложи лидерите на Русија, САД, Велика Британија, Кина и Франција, да свикаат годинава самит, истакнувајќи дека петте нуклеарни сили „имаат посебна одговорност да се сочува цивилизацијата”. Сергеј Лавров, министер за надворешни работи, во март изјави дека САД, Франција и Кина го прифатиле предлогот.
Суливан исто така изјави дека САД планираат да ги обноват и преговорите со Русија за контрола на вооружувањето, вклучително и историскиот Договор за ракети со мал и среден дострел кој беше обновен од претседателите Барак Обама и Дмитриј Медведев во 2010 година.
Рокот на овој договор истекува во фебруари 2021 година, со можност да се продолжи уште пет години по согласност на двете страни.
Администрацијата на Трамп засега одолговлекува со започнување на преговори со Русија, инсистирајќи дека во новиот договор треба да се вклучи и Кина.