Првиот човек на Здружението на хотелиери и туризам во Албанија, Зак Топузи за Њуз 24 изјави дека поради пандемијата со Ковид-19 албанскиот туризам изгубил повеќе од 140 милиони евра.
Додаде дека поради тоа загрозени се многу работни места во овој сектор каде „економските ефекти од коронавирусот може да траат и до три години”.
-Доставивме неколку барања што одговараат на барањата на СЗО. Точно има 93.000 вработени во секторот туризам, но има повеќе кои се индиректно вклучени. Ако ситуацијата продолжи, ефектите може да траат до три години. Туризмот се подготвува за туристичка сезона од три месеци. До сега загубени се 140 милиони евра, изјави Топузи.
Рече дека целокупната индустрија е затворена и додаде дека преземените мерки биле неопходни, но оти треба да се разговара за состојбата во која се наоѓа хотелиерството и туризмот.
-Премиерот Еди Рама рече дека баровите и рестораните ќе се отворат на 18-ти, но ајде да видиме како ќе оди тоа. Ние сме во вонредна состојба, се разбира според препораките на СЗО. Предвидуваме дека единствено хотелите на крајбрежјето можат да имаат 50 отсто од турстите што обично ги имаат. Оваа состојба може да загрози многу работни места, рече Топузи.
Оцени дека не само во Албанија туку и целиот свет, туризмот е најпогоден од состојбата со опасниот вирус и оти токму овој сектор најдоцна ќе може да се врати во нормала,бидејќи од оваа криза „луѓето ќе останат без пари и со искористени одмори”