Првообвинетиот во Рекет, Бојан Јовановски Боки 13, видно расположен, облечен во кафено одело денеска дава своја одбрана.
Боки застана пред судскиот совет со хартиена вреќа полна со документи.
Тој беше испитуван директно од неговиот адвокат, Сашо Дуковски, кој повтори дека обвинетиот досега нема дадено исказ поради лошата здравствена состојба.
– Со јавна работа се занимавам од 16 години, водител на емисии, медиумски работник, директор во Пинк телевизија. Мултимедијална личност, борец за човекови права оти и самиот сум почуствувал на своја кожа бидејќи сум различен. Сум заработувал, не сум бил државен службеник ниту сум трошел државни пари како што тоа го прават други, рече Боки на почетокот на излагањето.
Тој објасни формално правен прокурист кој ја менаџирал работата во телевизија 1ТВ, каде 95 отсто сопственик беше татко ми Миле, а пет отсто Јасна Мандиќ.
-Бидејќи бев претседател на Меѓународен сојуз имаше конфликт на интереси. Работев се, па и сценографија, само не бев шминкер. Поради тоа што телевизијата живееше од реклами бев ангажиран околу контакти со огласувачи, рече Боки.
Тој објасни зошто барал новинарите уредници, Ацо Кабранов, Гордана Дувњак и други да сведочат, но судот не го дозволи.
– Со Кабранов сме збореле за Камчев и тоа го има снимено, но новинарите и јавноста не можат да слушнат што сме збореле зошто мојот мобилен не е вештачен. Тоа што го зборевме ќе го кажеше во судот. Да сведочеше Дувњак ќе објаснеше за средбата со Катица Јанева при нашата посета на СЈО, дека јас ја повикав Вилма Рускоска во телевизијата, а таа неколку пати беше во нашата редакција, во четири очи, каде сме пиеле кафе, па и чашка алкохол, онака домаќински. Иако јас не пијам алкохол, рече Боки.
Тој рече дека новинарите и уредниците сами ги бирале темите, а ако биле и договорени теми на колегиум новинарите имаа слобода да ги прашуваат гостите што сакаат.
Тука судијката го опомена да премине на битното за обвинението, а не за телевизијата на која не и се суди. Реагираше и Дуковски, кој побара од судот да му дозволи да сведочи или да не дава изјава воопшто.
Тогаш Боки рече дека имале договори за рекламирање со НОЕЛ, Систина, Пелистерка, Тинекс, ВЕРО, Телеком и други фирми кои плаќале, па телевизијата живееше со легални пари, но откако почна кривичниот орогон против мене почна пропагандата и се доби впечаток дека парите се нелегални.
-Телевизијата не се финансирала ниту од СДСМ ниту од ВМРО, ниту пак барала и конкурирала за државни пари, рече Боки.