Бојан Јовановски во придолжение на денешното судење зборуваше и за обвинетиот и осуден во Рекет, Зоран Милевски Кичеец.
-Жалам што го познавам Зоран Милевски Кичеец, кого го запознав пред 15 години кога дојде во Скопје и го отвори кафулето Ден и ноќ, беше популарен. Бевме блиски, но веќе не сме, рече Боки покажувајќи заедничка селфи фотографија направена во странство.
Познанството го интензивирале во мај 2018 година кога инсистирал Боки да се сретне со Камчев, за кого работел.
-Ме импресионираше и со познанства кои ги има во странство, но и со блиските контакти со политичари тука, порано со тогашната па со сегашната власт. Не знаев што работи во Орка, па Камчев еднаш ми објасни. Рече дека Кичеец е најдобриот оперативец, а тоа сфатив самиот во изминатиов период. Неговите способности се гледаа и преку тоа што стално му наоѓаа мобилни во затворот, кои Рускоска исто така не ги вештачела, па и од Шутка си ги правел патот кон слободата, рече Јовановски.
Тој се спогоди, доби казна и сега е на слобода. А јас сум во затвор за исказот што денеска ќе го дадам. Затоа ме исфрлија од болницата “8 Септември” како куче, затоа ми се правеа прегледи кои никогаш не ми ги направиле, вели Боки.
Тогаш реагираше Рускоска, која негодуваше кон судот зошто дозволил Јовановски да дава лични квалуфикации за неа и за Кичеец, а не зборува за доказите кои ОЈО ги презентирало. По паузата, по барање на Јанева на која и се слоши, Боки пак ја опиша врската со Кичеец.
-Ме обработуваше, му верував, емотивно бев поврзан, буквално му пиев вода од раце. Ми ги нудеше проектите за старачки домови, други проекти, се однесуваше како газда во мојот стан, па и во телевизијата, некогаш доаѓаше и пред мене на работа и ме чекаше во канцеларија. Преку мене стапи во контакт со градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, бидејќи тогаш бевме пријатели, сега веќе не сме, кривично го гонам за други работи што не се дел од овој случај. И за други работи му помагав со контакти, но без да гледам свој интерес. За Империја дознав кога ја објави веста телевизијата 1ТВ. Цело време Кичеец ме убедуваше дека Камчев ќе се рекламира, дека ќе вложува во проекти, да не се лажеме Камчев беше најбогат човек во земјава, нормално дека имав интерес. Така беше и на првата средба во Сушико, во август 2018, дојдов последен, Кичеец бил прв најверојатно да се подготви за тајно снимање. Не мавтав кога ги видов и седнав туку Кичеец ја организираше средбата. Камчев рече бара реклама, а Кичеец се вклучи и рече да не пишуваме лоши за неговиот газда. А јас прашав зошто би пишувале ако нема ништо, па тука спомнаа дека му се подготвува случај со лажни документи како што разбрале од таа од Радовиш, но дека Бугарите средиле работа. Продолживме за разговори за бизнисот, се додека не излезе Империја. Тогаш Кичеец почна поинтензивно да се дружи, гаеше голем амонизитет кон Сашо Мијалков и прашуваше зошто не го апселе Мијалков. Кога го уапсија Камчев дојде во три часот целиот зелен, и почна да се жали дека Бугарите ги изиграле па рече да ургирам кај Јанева оти сум ја познавал. Реков дека нема шанси и дека не сум можел ни јас ниту било кој да ургира и дека он треба да гледа да ја спаси својата глава. Тоа ќе беше јасно ако се вештачеше мобилниот. Секојдневно доаѓаше кај мене, викаше дека Камчев ќе излезе, денес-утре, рече и дека Добрила Кацарска, со која Јовановски се куќни пријатели и дека таа работи што може за да го извади, рече Боки.
Тука се вклучи Рускоска, која пак реагираше дека обвинетиот дава лични квалификации за лица кои не се во судница.
– Кичеец беше агент провокатор, ред обичен муабет па за Империја, па пак така. Тој се снимаше, па рече дека со Ана Камчева биле кај некои амбасадори па и кај премиерот Зоран Заев. Затоа барам од судот и од ОЈО да се вештачат и неговите мобилни телефони оти јас ги знам сите шифри и ќе ви ги кажам, рече Боки.
Тој потоа објасни во врска со обвинението дека барал 500.000 евра за да излезе Камчев од притвор.
-За ова има три различни искази од Камчев, од сопругата и од Кичеец и сите се ноторна лага дека ми дале 500.000 евра за да го пуштат од притвор. Откако тој излезе од притвор немав контакт со него, само со Кичеец. Во јануари за роденденот на Кичеец се видовме во Воденица оти тој не собра таму за да дојдам јас, оти вечерта организирал журка во визбата на Камчев. Таму беше и Ана Камчева со која разговараа со Кичеец како да ја тргнат Наташа Савова, која правела проблеми на работа додека Камчев бил во притвор и ги тргнала од канцеларија Ратка Камчева. Потоа се видов со Камчев повеќе пати и кај него дома и зборевме за бизнис и други теми, но тогаш се правеа муабети како да се спаси Камчев од Империја, но и да се урне СЈО. Тие инсистираа за операцијата за намалување на тежината на Јанева во Систина, но таа не прифаќаше. Секогаш кога се гледавме разговараа за СЈО, но на одреден начин ме провоцираа за да кажам нешто за тоа да ме снимат и спакуваат. Ми ветуваа проекти кога ќе се средела работата и ме држеа на конец. Камчев се правеше дека сме блиски, како двајцата сме од Тафталиџе. Проблемот почна со најава за емисијата Инсајдер и Зоран Азманов, кого ги тужам. Тој испраќаше пораки во кои Азманов бараше моја ликвидација”убијте го педерот”.
На фамозниот 20 февруари ништо не се случи, чиста монтажa беше. Кичеец дојде кај мене околу 12 и рече ќе дојде да ме земе за кај Камчев. Дојдовме околу 16 часот, Зоран и Орце влегоа во посебна просторија а јас бев во салонот. Тогаш излегоа и Кичеец ја зема фамозната Луј Витон торба која јас ја немав видено, беше затворена а тој ја зема со леснотија како да е празна иако наводно требало да има внатре 1,5 милиони евра и да биде потешка. Потоа си отидовме а Кичеец ме однесе кај моите, и си замина со торбата која јас ниту во еден момент не сум ја зел во раце, тврди Боки.
Според него, камерите во домот на Камчев имаат снимено дека Кичеец истата торба ја вратил кај Орце, а хартдискот го има во ОЈО. Торбата немала ГПС вели Боки, кој потвдри дека потоа бил во Италија, но и дека целата гардероба која му била одземена била купена низ годините, но и дека добивал парчиња од познатите светски креатори со кои соработувал.