Владата презеде навремени и сериозни мерки за помош на граѓаните, на економијата, и спас на што повеќе работни места, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција.
„Светска Банка вели дека нашата држава најлесно ќе ја преброди оваа криза, споредено со земјите во регионот. Тоа се должи поради навремените и опсежните економски мерки“, рече Заев.
Во моментот, како што посочи првиот човек на СДСМ, голем интерес има за помошта за плата од 14.500 денари по вработен, за која досега аплицирале 23.359 компании, или околу 30 отсто од активните субјекти. За оваа мерка имаат аплицирано 6.000 самостојни вршители на дејност или повеќе од 45 отсто од регистрираните.
„Овие бројки кажуваат дека секоја трета компанија има аплицирано за финансиска помош до 14.500 денари за исплата на плата по вработен. Обезбедивме линии на брзи бескаматни кредити Ковид 1 и Ковид 2 во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто ги таргетираат сите микро, мали и средни претпријатија погодени од кризата. Од линијата кредити Ковид 1 досега се одобрени вкупно 631 кредитни апликации за исто толку компании со 5,588 вработени. За втората линија бескаматни кредити – Ковид 2, се примени 2.400 апликации. Повикот е објавен на 29ти април, а ќе трае до 13ти мај 2020 година. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра. На овој начин им помагаме на компаниите да ја задржат ликвидноста, но и да ги задржат своите вработени. За нас е важно секое работно место и секој работник“, рече Заев.
Тој додаде дека заедно со поволностите од Уредбата која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка и данок на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година, придобивките од овие две уредби ги искористија околу 1.300 компании, а поднесени се околу 1.800 апликации кои се обработуваат.
Севкупно, како што заклучи Заев, бројот на компании кои добиле некаков вид на помош и кои аплицирале за поддршка изнесува околу 30.000 компании.