Научниците од кинеската лабораторија, кои се на мета на САД, се обучени во Америка и во Франција, соопшти кинеската влада по препирките околу потеклото на новиот коронавирус.
Спорна е тезата дека вирусот потекнува од лабораторијата во Вухан, каде што беше откриен ковид-19 кон крајот на минатата година. Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во неделата дека „има многу докази“ за ова, што Пекинг остро го отфрли.
„Лабораторијата П4 во Вухан е резултат на соработката помеѓу кинеската и француската влада“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг, пред новинарите.
„Проектот за лабораторијата, управувањето и конструкцијата беа изведени во согласност со строгите меѓународни стандарди и првиот персонал беше обучен во лабораториите на П4 во САД и Франција“, прецизира таа.
Лабораторијата доби официјална потврда во 2017 година за време на церемонијата во присуство на тогашниот француски премиер Бернар Казенев.