Лидерите на ЕУ и на Западен Балкан повторија поддршка за европска перспектива на регионот

На самитот ЕУ – Западен Балкан вчера во Загреб, лидерите на Европската унија ја потврдија својата силна поддршка за европската перспектива на регионот како цврст стратешки избор и солидарност во кризата предизвикана од коронавирусот.

Во Декларацијата на самитот се наведува дека партнерите на Унијата од регионот, исто така, ја потврдиле својата посветеност кон европската перспектива и дека кредибилитетот на таа заложба зависи и од јасна комуникација со јавноста и спроведувањето на потребните реформи.

Во документот се вели дека зголемувањето на помошта од ЕУ ќе зависи од конкретниот напредок во областа на владеењето на правото и социо-економските реформи, како и од степенот до кој партнерите од Западен Балкан ќе ги почитуваат вредностите, правилата и стандардите на ЕУ.

Од лидерите на Западен Балкан се очекува да обезбедат темеллни вредности, демократски принципи и владеење на правото, дури и во време кога се воспоставени посебни и вонредни мерки за борба против пандемијата, бидејќи тие ја поддржуваат социјалната трансформација и ефективни реформи.

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан, исто така, ја истакнаа клучната улога на граѓанското општество и независните и плуралистички медиуми, како и слободата на изразување и заштитата на новинарите во процесот на демократизација, се вели во документот усвоен по самитот што поради пандемијата беше одржан како видео конференција.

Во Декларацијата се оценува дека треба да се направат дополнителни напори за помирување и регионална стабилност, како и изнаоѓање и спроведување конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатерални спорови и прашања вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и Договорот за прашања на сукцесија. .

Посочувајќи на соработката во времена пандемија, ЕУ ги повика водачите на Западен Балкан да го искористат потенцијалот за регионална соработка за да го олеснат економското закрепнување по кризата, нагласувајќи дека со продлабочување на регионалната економска интеграција, заснована врз правилата и стандардите на ЕУ, Западен Балкан би можел да стане попривлечен за инвестиции.

Во завршниот документ, лидерите на ЕУ  рекоа дека тие стојат покрај своите партнери од Балканот и остануваат посветени на активна поддршка на заложбите што ги вложуваат во борбата против заразата со новиот коронавирус и последиците за општеството и економијата.

Се потсетува дека ЕУ многу брзо мобилизирала пакет од над 3,3 милијарди евра за закрепнување на Западен Балкан и дека ова вклучува итна поддршка на здравствениот сектор, особено преку обезбедување на основни ресурси   и значителна поддршка за социјално и економско закрепнување како и пакет макрофинансиска помош од 750 милиони евра и пакет помош од 1,7 милијарди евра од Европската банка за инвестиции.

Пандемијата покажува дека ЕУ и Западен Балкан заедно се справуваат со предизвиците и дека соработката вклучува заедничка набавка и трговија со заштитна опрема, проток на стока низ зелените коридори кои ги поврзуваат ЕУ и Западен Балкан, испорака на материјали и тесна соработка со соодветните здравствени власти.

Оценувајќи дека таа поддршка и соработка далеку ги надминува придонесите на кој било друг партнер во регионот, ЕУ изрази благодарност и за вредната поддршка што им ја дава Западен Балкан на соседите и ЕУ, оценувајќи дека ова е вид на солидарност врз која се гради Унијата и тоа треба да продолжи.

Декларацијата потенцира дека „мирна, силна, стабилна и обединета Европа, поддржана од нашите историски, културни и географски врски и меѓусебни политички, безбедносни и економски интереси, е заедничка цел на партнерите во ЕУ и Западен Балкан” и дека ЕУ е решена да го зајакне дополнително својот ангажман. за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација во регионот.

Учесниците на самитот истакнаа дека тие ќе ја зајакнат соработката во борбата против дезинформациите и другите хибридни активности, особено оние што потекнуваат од актери од трети земји кои сакаат да ја поткопаат европската перспектива на регионот и оти е неопходна поблиска соработка за зајакнување на отпорноста во кибер-безбедноста.

Во документот, претставниците на ЕУ ја потврдија својата целосна поддршка за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ и спроведување на билатерални договори, споменувајќи го Преспанскиот договор на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

На крајот на документот, е посочено дека по завршувањето на вонредната фаза поради пандемијата, ќе следи нова фаза на тесна соработка со цел да се надминат значајните социо-економски последици од кризата, а Европската комисија беше поканета да претстави солиден економски и инвестициски план за регионот во со цел да се стимулираат економиите и истовремено да се подобри нивната конкурентност, со цел подобро поврзување во регионот и ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави