Москва не „паѓа“ на тврдењата на Вашингтон дека нема никаква врска со упадот во Венецуела откако се појави видео од уапсен американски платеник кој призна дека операцијата имала за цел да го испорача претседателот Николас Мадуро во САД, пренесува РТ.
Руското МНР изјави дека е вознемирено од веста за странските платеници, вклучително и оние со врски со американските специјални служби кои се обидоа да влезат во Венецуела.
„Со оглед на опседнатоста на Вашингтон да го собори Мадуро и изјавите дека сите опции се на маса за да се постигне оваа цел, зборовите на претседателот Доналд Трамп дека САД немаат никаква врска со неуспешниот упад звучат неубедливо“, посочуваат од Министерството.
„Потегот против латиноамериканската држава заслужува уште поголема осуда бидејќи е изведен во екот на пандемијата на коронавирус што претставува голема закана за Венецуела“, додаде руското Министерството за надворешни работи.
Москва повторно ја истакна својата желба да стори сè што е потребно за народот на Венецуела да може сам да одлучува за судбината на својата земја и посочи дека сите страни, вклучително и оние што го поддржуваат протежето на Вашингтон, Хуан Гваидо, треба да седнат на преговарачка маса.
Поранешните припадници на американските сили за специјални операции, Лук Денман и Ејран Бери, вработени во „Силверкорп“, компанија за обезбедување со седиште во Флорида, беа заробени од венецуелската војска како дел од групата платеници кои во понеделникот се обидоа да стигнат до бреговите на Венецуела со глисери.
Венецуелските власти соопштија дека операцијата е дел од обидот за пуч, чија цел е убиство на Мадуро. Во снимката од испрашување објавена во средата, Денман признал дека неговата цел во Венецуела била да преземе контрола на аеродромот за да може киднапираниот Мадуро да го стави во авион и да го однесе во САД.
„Тоа нема никаква врска со нашата влада“, тврдеше Трамп во вторникот.
Неговата администрација многупати кажа дека сака Мадуро да биде отстранет од власта, ветувајќи награда од 15 милиони американски долари за информации што ќе доведат до апсење на социјалистичкиот лидер на Венецуела. Вашингтон исто така беше првиот што го призна и активно го поддржуваше неговиот главен ривал, Хуан Гваидо.
Во говорот кон крајот на минатата година, самиот Трамп рече дека сите опции се на маса за Венецуела, вклучително и воено сценарио.