Украинска амбасада: Русија ја занемарува улогата на Украинците во борбата против фашизмот

На 8 и 9 мај, Украина заедно со целиот свет го одбележува Денот на Сеќавањето и Помирувањето во знак на оддавање почит на жртвите во Втората светска војна и Денот на Победата над Нацизмот во Втората светска војна, се наведува во соопштение на украинската амбасада во земјава.

„Во овие денови ние им оддаваме почит на жртвите на војната, го осудуваме нацизмот, тоталитаризмот и агресијата, ги поддржуваме идеалите на мир, хуманизам, демократија и Европско единство. Ние го почитуваме споменот на повеќе од 80 милиони луѓе, чии животи беа одземени како резултат на глобално насилство. Се сеќаваме на луѓето од сите раси и нации, мажи и жени, војници и цивили, мали деца и стари лица – сите оние кои умреа и преживеаја и минуваа низ сите кругови на пеколот на Втората светска војна“, стои во соопштението.

Во него се нагласува и придонесот на Украинците во победата над Нацизмот, со цел како што се вели, да се побијат бројните историски фалсификации и политички манипулации што ги формира Руската Федерација за да ја оправда агресивната политика против Украина.

„Денес, во обид да го експроприра поголемиот дел од придонесот во победата над фашизмот, Русија ја продолжува советската пропагандна стратегија за намалување на улогата на западните сојузници. Уште подрско таа ја игнорира улогата на другите народи на СССР, пред се Украинците, чиј придонес автоматски ѝ се припишува на Русија“, велат од украинската амбасада.

Од таму посочуваат дека денес Кремљ води агресивна неофашистичка политика.

„Хипертрофираниот ‘антифашизам’ на Русија е само прикривање на неофашистичката агресивна политика, вооружената војна против Украина и хибридната војна против Европа и целиот демократски свет, која не е секогаш виртуелна“.

Од амбасадата порачуваат дека Украина останува верна на традициите и принципите на антифашизмот и нејзиниот избор на демократскиот и Европскиот пат за развој.

„Вооружената агресија на Русија што започна во 2014 година беше казна врз Украина за изборот на Европскиот и Евроатлантскиот пат направен на Мајдан. Окупацијата на Крим и одредените области на Донбас – е само дел од планираните ‘Блицкриг’ и ‘Аншлус’ на Украина, кои не успеаја“, се порачува во соопштението во кое се заклучува дека заштитувајќи се со антифашистичка реторика, Русија всушност води агресивна неофашистичка политика во Европа.

Треба да знаете
Последни објави