ВВ „Тиквеш“ ги исплати лозарите и во услови на криза инвестираше 720.000 евра во нови лозови насади

Винарската визба „Тиквеш“ ја заврши исплатата на своите обврски кон лозарите со кои соработува за откупеното грозје од бербата во 2019 година. Исплатата е извршена кон сите индивудуални лозари и правни лица, согласно предвидената динамика за исплата и законски утврдените рокови.

Откупени беа 22 милиони килограми грозје. Винарската визба „Тиквеш“ со години спроведува долгорочна соработка со лозарите базирана на едукација и поддршка при примената на современи агро-технички методи и практики во одгледување и заштита на лозовите насади. Лозарите кои ги применуваат овие методи имаа загарантиран откуп на грозјето од страна на винарницата, како и дополнителни бонуси. Стратешката соработка и партнерски однос со лозарите на компанијата ѝ овозможува да го развива своето портфолио со производство на високо квалитетни вина конкурентни на светските пазари. Покрај тоа и во услови на криза предизвикана од пандемијата од вирусот Ковид 19 на светско ниво, што резултираше со пад на продажбата на вино од над 70%, „Тиквеш“ продолжува со инвестиции. Винарницата инвестираше 720.000 евра сопствени средства во подигнување нови лозови насади на локалитетот Бабуна во близина на Велес. Засадени се 38 хектари лозови насади од сортите вранец, сира, каберне совињон, пино гри, коломбар, жилавка и малвазија. Се работи за нови современи насади, кои ќе придонесат за проширување на можностите за производство на нови високо квалитетни вина.

Новите инвестиции на Винарската визба „Тиквеш“ се дел од континуираната инвестициска програма, која предвидува до 2022 компанијата да вложи во вкупно 650 хектари нови сопствени лозови насади. Само минатата година „Тиквеш“ ги прошири сопствените лозови насади за 140 хектари, а инвестираше и околу еден милион евра во нов логистички центар, со кој се зголемува ефикасноста во дистибуцијата и достапноста на виното на домашниот пазар. Новите инвестиции во сопствени лозови насади ќе овозможат натамошно унапредување и збогатување на портфолиото на вина од премиум сегментот, со што ќе се зацврстат и подобрат позициите на винарницата, особено на странските пазари.

 

 

Треба да знаете
Последни објави