– Бугарија со години беше еден од најсериозните поддржувачи на Северна Македонија и навистина сакам да порачам – потпишавме еден договор, двајцата премиери ставија потписи на овој договор и не е добро да се оспорува тоа што е напишано во него, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
– Наша цел е да ја признаеме заедничката историја, заедно да ги чествуваме оние херои кои се самодекларираа како Бугари, но се бореа за идеалите на Македонија. Што е проблем да се каже – да, јазикот кој е официјален според нивниот Уставот, датира од 1945 година и се базира на бугарскиот јазик. Што е проблемот да се каже тоа. Ние не го оспоруваме нивниот идентитет, бевме први кои ја признавме Република Македонија. Не постои правна норма за признавање на нација и јазик, нагалси Захариева.
Како што јави БГНЕС, таа потести дека меѓу двете земји е склучена спогодба уште во 1999 година, која е потврдена со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
– Во него се договоривме како да се нарекува нивниот службен јазик согласно уставите на двете држави. И ова е формулацијата за која се договоривме. Сакам да се придржуваме до неа, додаде шефицата на бугарската дипломатија.
Според неа, научниците можат да им помогнат на дипломатите, но работата на мешовитата Комисија не смее да се политизира. – Да бидам искрена, еднострано суспендирање на работата на оваа Комисија од страна на Северна Македонија, мислам дека ја политизира самата Комисија, смета Захариева.
Таа оценува дека за да може Комисијата да работи, треба да одржува состаноци, па дури и онлајн.
– Да се прекинат средбите со аргумент дека се наближуваат избори во нивната земја, е тоа не го разбирам. Идејата е да им овозможиме на историчарите и експертите да работат и тие самите да донесат заедничка одлука, за што ќе не информираат без да им се мешаме, додаде бугарската министерка.
Захариева потенцира дека во последно време во земјава се објавени повеќе од 100 публикации поврзани со Бугарија, како „таму сите да се разбираат во фудбал и во Бугарија”, но за жал не е така, особено „кога антибугарската тема е присутна и во нивните избори”. – Сметам дека изборите се минливи, но соседите остануваат, потенцира таа.
– Секој може да се изјасни така како што се чувствува. Македонија е регион, на територијата на географската област Македонија живеат Бугари, Македонци, Роми, Албанци. Република Северна Македонија е држава. Тие ја оспоруваат нашата заедничка историја. Тие можат да го нарекуваат својот јазик каков што сакаат, но кога го склучивме договорот со него се согласивме заедничката комисија да ја заврши работата до крај. Ние секогаш постапуваме искрено и одговорно, никогаш не сме ги изненадиле со нашите одлуки, тоа според мене е е европски пристап, истакна Захариева.
Таа потсети дека бугарското Собрание едногласно усвои Декларација за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.
– Тоа беше фер пристап кон нашите соседи и таа наша позиција не е нова, ниту е од неодамна. Свесна сум дека пред изборите оваа тема е особено актуелна таму, додаде Захариева.
Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека ако мешовитата Комисијата не почне со работа до јуни, Бугарија би можела да стави вето на старт на преговорите на земјава со ЕУ, Захариева вели дека инсистира таа да профункционира, бидејќи како што додава, престана со работи уште во ноември.
– Не сум ја видела преговарачката рамка и не можам да кажам дали Бугарија ќе стави вето на процесот на преговори. Во таквиот процес, потребна е согласност од сите земји (членки) за отворање на поглавјата, за преговорачкиот процес и за затворање на поглавја. Ова е долг процес и граѓаните на Македонија имаат најголем интерес да се прекине со реториката од времето на Титова Југославија, а тоа го гледаме последниве денови – потпишавме договор, но само го потпишавме, никој не презема никаков чекор да го спроведе, додаде Захариева.
Таа смета дека Бугарската академија на науките (БАН) и МАНУ треба да седнат заеднички да поработат на ова прашање.
– Во Македонија, тие можат нивниот јазик да го нарекуваат како што сакаат, но кога го потпишавме Договорот уште во 1999 година и кога станува збор за потпишување други договори и билатерални формати, треба да се почитува тоа што е запишано, нагласи бугарската министерка.
Според неа, на оваа тема не се гледа рационално ниту од страна на историчарите, ниту од страна на граѓаните на двете земји.
– Сакам работите да ги гледаме порационално, без толку емоции и да сфатиме дека покажувањето зрелост и да се биде дел од европското семејство, значи исполнување на договорите што сте ги потпишале, а не да пристапуваш со реториката и минатото од Титова Југославија. Тоа не може да се прави ако сакате да бидете дел од ЕУ. Истото важи и за Бугарија – ако мислиме дека Македонците ќе кажат „да, ние сме Бугари” и ќе почнеме да се нарекуваме Бугари – тоа нема да се случи, тоа не е реално. Но, за да изградиме навистина здраво пријателство, дозволете им на историчарите да седнат и да се усогласат за заеднички формулации, прослави и заеднички личности и да ги смениме учебниците за да ги научиме младите на вистината. Тоа е тоа што го сака Бугарија, истакна Захариева.
Според неа, мора да се прави разлика меѓу заедничката и споделената историја меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– До еден момент таа е заедничка и никој не сака да го оспорува нивниот идентитет и нивната желба за нова нација и држава. Од друга страна, тие мора да се придржуваат кон тоа што го потпишаа. Тие мора да покажат зрелост, не можат да седнат на тркалезната маса и да имаат нерешени билатерални односи, додаде шефицата на бугарската дипломатија.
Захариева одби да ја коментира брошурата на БАН, во која јазикот во земјава се нарекува „севереномакедонски бугарски”. – БАН може да објавува што сака, но за тоа како ќе ги потпишеме договорите со Северна Македонија, одлуките ги носат владите на двете држави, заклучи Захариева. с