Кина соопшти дека по „завршувањето на епидемијата” ќе го поддржи создавањето комисија под агенда на Светската здравствена организација (СЗО) која ќе има за цел да даде оценка на „светскиот одговор” на коронавирусот, пренесоа светските агенции.
Пекинг излезе со ваквата реакција по притисокот од Западот, посебно од САД и Австралија, со инсистирање да се истражи појавата на вирусот во Кина на крајот на минатата година.
-Оценката треба да се даде отворено, транспарентно и инклузивно, во погоден момент по завршувањето на епидемијата, изјави пред новинарите Хуа Чунџин, портпаролката на кинеското Министерство за надворшени работи.
Таа подвлече дека овој чекор треба да се одобри од Светската здравствена органзиација или од Извршниот совет на СЗО, двата главни органа на меѓународната организација, со седиште во Женева.
Чунџин посебно напомена дека не станува збор за истрага насочена против Кина, туку за оценка која евентуално ќе ги опфати сите земји во светот.
Повеќе држави, меѓу кои Франција, Германија и Велика Британија, во последните неколку недели ги повикаа кинеските власти да ја обезбедат транспарентноста на своите постапки во врска со коронавирусот. Други земји, пак, како САД и Австралија, отидоа уште подлалу, па побараа меѓународна истрага за Кина, која ќе треба да ги утврди причините за пандемијата, забележаа француските медиуми.
Пекинг ги отфрли овие иницијативи и го искритикува политизирањето на кризата. Кина демантира дека криела информации на почетокот на пандемијата и соопшти дека со СЗО и другите земји најброз можно ги споделила податоците со кои располагала.