Според неодамнешното истражување спроведено на социјалните мрежи, македонскиот граѓанин е слабо запознаен со третманот и управувањето со отпадот. На пример, на прашањето дали се запознаени со начинот на депонирање, складирање и преработка на отпад, само 37% одговориле потврдно, додека 53% знаат делумно, а 10% не знаат.
Во земјава во моментов има 54 депонии со толеранција од локалните власти, од кои само една – Дрисла кај Скопје ги исполнува минималните пропишани стандарди (навистина минимум, без третман, без раздвојување на отпад и за жал лошо третирање на медицински отпад). Покрај тоа, се проценува дека има уште 200 нелегални депонии кои ја загадуваат почвата, водата и воздухот. Во истражувањето на прашањето „дали има депонија во вашата општина и дали сте запознаени со тоа како во истата се ракува, селектира и отстранувате отпадот”, 32% сметаат дека нема депонија, 25% се делумно запознаени, а 29% не се запознаени за практиките на овие депонии. Што значи, граѓаните не знаат што се прави – или поправилно што не се прави – со нивниот отпад.
Од друга страна, јавноста е многу свесна за придобивките за животната средина од правилно управување со отпад (80%) од испитаниците се свесни за истите. Дури и ако се помалку од половина, сепак (49%) се свесни за економски придобивки од правилно управување со отпадот. И уште поизненадувачки, граѓаните би се согласиле со изградба на регионални депонии за комунален отпад: 59% би се согласиле со изградба ако се доволно информирани за овие придобивки, 38% можеби би се согласиле и само 3% се против нивната изградба. Според ова истражување, 80% од граѓаните би ја разбрале и потребата од изградба на депонија за неопасен индустриски отпад (како што е планирано кај Неготино) доколку има силна контрола и е во согласност со прописите. Ова е спротивно на претходните негативни реакции од локалното население и НВО. Овие реакции веројатно се должеле на отсуство на соодветна комуникација како и резултат на познатиот NIMBY (Not In My Back Yard) ефект спротивставување на жителите на предложениот развој на нивната локална област. Овој ефект носи идеја дека ваквите жители само се спротивставуваат на развојот затоа што е близу до нив и дека тие би го толерирале или поддржувале доколку се градат подалеку.
Во однос на употребата на RDF, огромното мнозинство од испитаниците (87%) изразија дека е подобро да се користи ова секундарно гориво од отпад наместо да се продолжи со употреба на мазут за индустријата. Ова исто така ќе ја намали количината на нашиот отпад што треба да се депонира (отпад до енергија, како што обично се применува во Германија).
Прашањето за лошо управување со отпадот не е ново. Нашата земја стагнира со години во овој домен. Денес, со почетокот на пристапните преговори со ЕУ, нема време за губење, поради Поглавје 27 што се занимава со животната средина е едно од оние кои бараат најмногу. Нашите власти сега треба да бидат силни. Тие ќе бидат поддржани од сите сегменти на населението. Со ова истражување, можеме да забележиме дека генерално, во јавноста постои волја за вакви промени.