Здравството на Јужна Кореја забележува мал, но зголемен број на случаи на коронавирус поврзани со неколку ноќни клубови во главниот град, во време кога државата се подготвува да ги олесни дополнителните рестриктивни мерки.
Најмалку 15 случаи на инфекција се поврзани со клубови во Итаевон, сеулски кварт популарен кај Корејците и туристите, соопшти во петокот Корејскиот центар за контрола и превенција на болести (KCDC).
Јужна Кореја во последните денови бележи мал број на инфекции, при што повеќето случаи пристигнуваат од странство. Но, се очекува да се зголеми бројот на заразени во ноќните клубови.
„Овие објекти ги имаат сите опасни услови што најмногу нè загрижуваат“, рече директорката на KCDC, Jeонг Еун-кјонг, осврнувајќи се на навалицата и лошата вентилација.
„Веруваме дека е неопходно да се подобри управувањето со тие објекти и ве повикуваме да ги посетувате колку што е можно помалку“, им рече таа на Корејците.
Владата на Јужна Кореја планира мерка со која ќе бара ноќните клубови и кафулиња доброволно да прекинат со работа еден месец заради новите жаришта, рече Јун Тае-хо, државен службеник за јавно здравје.
Ако тие места останат отворени, ќе мора посилно да ги следат упатствата за превенција од инфекција, додаде Јун.
Сите посетители на ноќниот клуб мора да носат маски, да одржуваат растојание од најмалку еден метар, а баровите мора да ги запишат нивните имиња.
Градските власти во Сеул објавија дека имаат список од 1.500 луѓе кои ги посетувале клубовите и ги повикаа сите што го сториле тоа за време на викендот да се тестираат и самоизолираат 14 дена.