Поранешниот француски претседател Валери Жискард д’Естен (94), кој управуваше со земјата од 1974 до 1981 година е обвинет дека сексуално злоставувал новинарка, тврди „Ле Монд“.
Инцидентот, наводно, се случил во 2018 година кога наводната жртва, 37-годишна известувачка на германскиот јавен радиодифузер WDR, Ен-Катрин Штраке, го интервјуирала Жискард д’Естен на 100 роденден на поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит.
По интервјуто, Штраке, која се откажала од своето право на анонимност поднесувајќи ја жалбата за сексуален напад, го замолила поранешниот француски претседател да се фотографира со неа.
За време на снимањето, „ Жискард д’Естен ги ставил рацете околу неа, ја допирал за половината и ѝ ја ставил раката на задникот“, се вели во жалбата.
„Бев многу изненадена и не го прифатив нападот од кој се почувствував крајно непријатно, па се обидов да ја тргнам раката на Жискард д’Естен, но не успеав“, изјави Штраке.
Бидејќи првата фотографија била со слаб квалитет, тие позирале за друга, а тогаш Жискард д’Естен повторно ја допирал околу половината и задникот.
„Се чувствував како да инсистира“, рече таа, тврдејќи дека имало и трет напад кога Жискард д’Естен повторно ѝ го допрел задникот додека ѝ покажувал неколку фотографии.
Освен тоа, по заминувањето, поранешниот француски претседател инсистирал да ја бакне Штрак, шепотејќи ѝ „слатки соништа“ на германски.
Коментирајќи го случајот, Оливие Револ, раководител на канцеларијата на Жискард д’Естен, рече дека поранешниот претседател не се сеќава на средбата со Штраке.