Спасовски: Во Струга се случи сериозна неодговорност кон здравјето на граѓаните и кон државата

Тоа што се случи во Струга претставува сериозна неодговорност кон здравјето на граѓаните и неодговорност кон државата, истакна денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски за синоќешниот случај кога на литијата во Струга учествуваа поголема група на граѓани, а поголемиот дел од нив не носеа ниту заштитни маски.

Спасовски забележа дека како Влада имале одлична комуникација о верските заедници и, како што рече, на почетокот сите заедно се договориле дека пред се важни се животот и здравјето на граѓаните.

– Нема поголем приоритет, нема поголем интерес поединечен, на одредена група, на верска заедница, на политичка партија. Јас очекував дека навистина верските заедници ќе имаат поизразито чувство за животот и здравјето на граѓаните и сум длабоко разочаран од постапката која се направи вчера во Струга како човек, рече Спасовски при денешната посета на Пробиштип.

Тој потенцираше дека како претседател на Владата очекува сите надлежни институции да преземат мерки за санкционирање на организаторите, но и за оние кои не постапиле да се спречи една ваква организација.

– Очекувам и Јавното обвинителство и МВР да ги испитаат сите аспекти од овој настан и како што имавме и други настани во други места за непочитување на одлуката за не групирање повеќе од двајца да бидат преземени соодветни мерки, нагласи Спасовски.

Посочи дека одлуките мора да се почитуваат, а оцени дека 90 проценти од граѓаните досега ги почитувале мерките коишто ги одреди Владата за спречување на пандемијата.

Треба да знаете
Последни објави