Сугарески: Првиот квартал со повисока реализација на капиталните инвестиции

Капиталните проекти се одвиваат со силна динамика и заклучно со април реализацијата на капиталните инвестиции за оваа година е на повисоко ниво споредено со истиот период лани, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при посетата на Пробиштип.

– И покрај здравствената криза со која се соочуваме, во ресорот транспорт во првите четири месеци од оваа година имаме повисок процент на реализација на капитални инвестиции споредено со истиот период изминатата година. Се наоѓаме сред силна градежна сезона и верувам дека со олабавување на мерките, градежните работи уште повеќе ќе се интензивираат, истакна Сугарески, отфрлајќи ги како неточни информациите за крах на капиталните инвестиции.

Изминатата година, како што посочи, Министерството за транспорт ја има завршено со 86 проценти реализација на капиталните инвестиции, а очекува тековната година да заврши со уште поголема реализација имајќи ја предвид повисоката реализација во првиот квартал од годинава.

За социјалните станови во Пробиштип, Неготино, Виница, Бутел и Свети Николе, министерот посочи дека средствата во висина од три милиони евра нема да бидат намалени со ребаланс на Буџетот и оти ќе бидат искористени за многу кратко време.

Очекува согласно предвидените рокови до август да заврши и изградбата на патниот правец Пробиштип-Крупиште што ќе овозможи вклучување кон новиот експресен пат Штип-Кочани.

– Покрај патната инфраструктура и изградбата на социјални станови, во моментов работиме на дваесетина проекти за изградба на водоводи и канализации. Изминатиов период завршивме околу триесет комунални проекти, а во текот на овој и следниот месец ќе бидат објавени тендери за уште петнаесетина нови проекти, рече Сугарески, додавајќи дека интензивно се работи и во делот на гасификацијата каде се очекува до крајот на годината да биде завршен магистралниот гасовод Неготино-Битола и Скопје-Гостивар.

Треба да знаете
Последни објави