ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле во Скопје денеска доби тунел за дезинфекција, донација од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија Драган Митковски изјави дека тунелот е набавен во соработка со фирмата АГП ДООЕЛ, која е нивна членка и во соработка со производителот од Србија, Трефком инженеринг. Тој појасни дека тунелот ќе спречи внесување на вирусот во болницата и има капацитет од 1.000 литри за дезинфекција или ќе опслужи 600 пациенти во текот на еден час.
Митковски потсети дека уште од почетокот на пандимјата со Ковид-19, Сојузот на стопански комори почна кампања за општествена одговорност на фирмите во облик на помош, пред се за нашите здравствени институции. Ги ги повика сите правни лица во државата да помогнат во ова тешко време за нашата држава.
Директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле Ангелчо Андоновски изрази благодарност до Сојузот на стопански комори на Македонија и истакна дека тунелот претставува помагало од најврвен епидемилошки момент, со кое ќе се спречи можното внесување на вирусот во болницата.
-Се работи за најбитната група во нашето општество – децата, а со овој тунел, секој кој ќе влегува во институцијата, дали се тоа пациенти, лица кои во иднина ќе доаѓаат во посета, ќе обезбедиме голема заштита и недозволување на самиот вирус да допре внатре, во Институтот, рече Андоновски. Додаде дека згрижуваат пациентри сомнителни за Ковид-19, како и сите пациенти кои имаат потреба од нивна помош.