Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска дава своја одбрана во случајот „Рекет“ каде е второобвинета, откако вчера своја одбрана изнесе и Бојан Јовановски- Боки 13.
-Благодарам што после 10 месеци молчење и пандемија можам да ја кажам вистината која и ја должам на јавноста. Чест и долножст ми беше што бев избрана за Специјален јавен обвинител. Библија на мојата работа беше Законот за кривична постапка и Законот за СЈО. Според овие закони работев во изминатите години. Ние имавме многу тешки услови за работа. За сето тоа се изборивме заедно со мојот тим се изборивме да го добиеме, а ни беше одреден буџет од 4 милиони евра, изјави Јанева.
За предметот „Империја”, нагласи Јанева, веќе нема човек што не го знае, но нагласи дека тоа не е приказна, туку работа.
-Во 2017 година повторно почнавме да даваме таргети за прислушување. За предметот „Империја” се собираа разговори и се почна со еден разговор меѓу Дејан Панделевски и Миле Јанакиески за купувањето на земјиштето позади Рамстор. Орце Камчев доаѓаше и беше заинтересиран дали бил таргет во прислушувањето. Од други дознав дека бил многу среќен кога дознал дека не е таргет. Но, Орце Камчев заборавил да праша за неговите миленички кои, за жал, беа таргет и многу често им се исповедуваше. Посебно беше многу радосен кога во еден ден купи банка, ги купи ‘Зик Пелагонија’ и ‘Здравје Радово’. Колку имам да кажувам… ‘Нетаргетот’ Орце Камчев беше несекојдневно многу лукав човек. Тоа го знаев од почеток, за жал, некои други сѐ уште живеат во заблуда и, за жал, се конструира овој предмет врз изјава на лице на кое не треба ништо да му довериме, а не па да засноваме обвинение, рече Јанева.
Предистражната постапка за предметот „Империја”, според Јанева, се водела десет месеци од обвинителката Лиле Стефанова.
-Лиле Стефанова од моментот кога е избрана ја има мојата целосна поддршка за работа и беше пример како најискусна за водење на истрагата за Империја, кажа Јанева.
Нагласи дека од доказите обвинителката Стефанова ја известила дека има основа да побараат ПИ мерки и тоа судијката ги прифатила.
-Но, по сведочењето на Камчев, изгледа дека судијката Весна Димишкова, која ги прифати ПИ мерките како да се консултирала со некого. Од собраните материјали од ПИ мерките, обвинителката Стефанова, ми рече дека има доволно докази да се отвори предметот. Но, Камчев ништо не зборувал и како да знаел дека е прислушуван, изјави Јанева.
Посочи дека од претресот во домот и фирмата на Камчев, истражителите укажале дека затекнатите како да не биле изненадени за претресот, а телефоните биле заменети.
-Во домот на Камчев за време на претресот бил и сега осудениот Зоран Милевски, кој имал задача да ги замени телефоните, изјави Јанева.
Посочи дека Јавното обвинителство за овој предмет го променило мислењето за притворот на Зоран Милевски, без притоа да се променат ниту една од околностите и тоа не се смета за злоупотреба и пречекорување на овластувањата.
– Од тука сметам дека обвинението за кое повеќе од девет месеци сум држена во притвор е целосно неосновано. Замислете за мислење кое сум го дала сум држена во притвор, изјави Јанева.
Според неа, СЈО не привилегирало никого, туку Врховниот суд ги привилегира сите тие кои ги гонеле, а нив ги направил неовластен тужител.
– Чекам да видам дали една од тие истраги ќе биде завршена. Зошто ЈО влезе во СЈО. Барем да го земеше предметот „Империја” и да го изанализираше. Да видеше дека Орце Камчев не бил никогаш привилегиран. Зошто сите наредби за вештачење се повлечени. Што мислеше, а што најде. Не, важно беше што одлуки сум поништила, изјави Јанева.
Не е точно, рече Јанева дека, дека му го вратила пасошот на Камчев, како што стои во диспозитивот на обвинението. Тврди дека само има дадено мислење за издавање привремена патна исправа, а судот носи одлука.
-Во моите обвиненија никаде не пишува дека се чека вештачење и потоа се повлекува, туку се почитуваат сите човекови права и постапки, изјави Јанева.
Нагласи дека никогаш не понудила привилегии на Јордан Камчев, и дека целиот случај е монтиран и граден врз основа на еден исказ- на Јордан Камчев.
– Ако судот ги прибавеше доказите од „Империја” ќе видеше дека никогаш не му била понудена никаква привилегија или својство на заштитен сведок. Ќе видевте дека тој самиот доаѓа во СЈО и бара да соработува, изјави Јанева.
Прашана дали примила парични средства за давање мислење за промена на мерката притвор со куќен притвор и враќање на времената патна исправа на Орце Камчев, Јанева рече дека најодговорно тврди оти од никого никогаш не примила пари за давање привилегирана состојба во предметот „Империја”.
Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева пред судот кажа дека е невина и затоа бара да биде ослободена.