Банкси им оддаде признание на здравствените работници: „Благодарам за сè“

Таинствениот британски уметник Банкси им оддаде признание на здравствените работници со своето ново дело во општата болница во Саутемптон, а платното, чија слика беше објавена на неговиот инстаграм-профил, е поставено како признание за вработените во болницата, кои се борат против коронавирусот.

На сликата е прикажано мало момче во маица што клечи покрај канта за отпад. Тој ги замени своите вообичаени херои-играчки Бетмен и Супермен, кои беа фрлени во кантата, со нов херој – медицинска сестра. Како и Супермен, сестрата има испружена рака и носи маска за лице, капа и престилка со знак на Црвениот крст, што е единствениот елемент во боја на црно-белото платно.

Според Би-би-си, уметникот, покрај платното, оставил порака за болницата, во која пишува: „Благодарам за сè што правите. Се надевам дека малку ќе го разведри просторот иако е црно-бело“.

Платното „Пресвртница“ ќе остане во болницата до есен и потоа ќе биде понудено на аукција, а парите ќе бидат уплатени во британското здравствено осигурување. Директорката на болницата, Паула Хед, рече дека сите во болницата се благодарни за платното.

Анонимниот уметник стекна слава по серијата провокативни графити низ Англија, кои честопати се занимаваат со критика на општеството.

Треба да знаете
Последни објави