Бразил станува ново светско жариште на коронавирусот

Повеќе од 300.000 луѓе се позитивни на јужноамериканскиот континент, кој последен го зафати пандемијата на коронавирус, а Бразил со скоро 136.000 заболени, според експертите, станува ново светско жариште, пишува „Бразилијан рипорт“.

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез се согласува со таа проценка, додавајќи дека Бразил, осмата земја во светот во однос на бројот на заразени лица, претставува голем ризик за земјите од Латинска Америка.

Едно од најстарите медицински списанија, „Лансет“, смета дека најголемиот проблем за една земја што треба да одговори на растечкиот проблем на епидемијата е тоа што таа е предводена од човек како Жаир Болсонаро.

„Лансет“ додава дека загрижувачки е што смртноста е двојно зголемена за само пет дена, како и фактот што студијата на Империјал колеџ од Лондон спроведена во 49 земји покажа дека Бразил е земја со најголема брзина на ширење на „ковид-19“.

„Бразилијан рипорт“ наведува дека бројни студии на бразилските факултети, заедно со фактот дека земјата би можела да стане светски епицентар на коронавирусот, исто така предупредуваат дека бројот на позитивни во земјата е помеѓу 1,6 и 2 милиони.

„Како и да е, можеби најголемата закана за бразилскиот одговор на Ковид-19 е нејзиниот претседател Жаир Болсонаро“, тврдат здравствените експерти, потсетувајќи дека претседателот пред неколку дена на новинарите кои побарале од него да коментира за драстичното зголемување на бројот на пациенти, им рекол: „Па, што очекувате од мене да правам“.

Водачите на Бразил побараа да се засилат мерките за борба против коронавирусот, бидејќи не сакаат да дозволат земјата да стане нова Аргентина или Венецуела во економски поглед.

Треба да знаете
Последни објави