Досега во Македонија оздравеле 68,7 проценти од заболените од ковид-19

Согласно статистичката анализа на Институтот за јавно здравје, оздравеле 68,7 осто од лицата кои биле позитивни на ковид-19. Тие се испишани од болница или се со два негативни теста по домашно лекување. Според исходот од заболувањето, 25.6 отсто во моментов се водат како активни случаи.

Регистрирани се 88 смртни случаи и согласно ова стапката на смртност изнесува 5,7 отсто. Од регистрираните смртни случаи најголем дел се на возраст над 60 години (57 лица). Од починатите кај 75 проценти (66 лица) се регистрирани коморбидитети.

Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (107) е регистриран на 15 април, 2020 година. Оттогаш, бројот на заболени, односно епидемиската крива бележи пад и соодветно на тоа, од 25 април до 2 мај регистрирани се под 30 нови случаи, а од 2 до 5 мај регистрирани се под 15 нови случаи на ковид-19.

Од пријавените случаи 23.2% (357 лица) се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Кај 33.5% (516 лица) од дијагностицираните не се регистрирани симптоми на заболувањето.

Од 15 февруари до 5 мај, тестирани се вкупно 17863 материјали во лабораториите во кои се спроведуа молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2.

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во Куманово со 281.7 заболени на 100.000 жители, потоа во Дебар 183.8, во Прилеп 170.0 и Велес 129.8.

Инциденца над 50 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Скопје, Струга, Штип и Кочани.

Градови кои регистрираат од 0.0 до 0.1 инциденца на 100.000 се Свети Николе, Берово, Ресен, Кратово.

Возраста на заболените се движи од 0 до 94 години, а просек е 45.1 година. Најголем број на заболени се на возраст над 60 години (334 лица) или 21.7% со инциденца од 871 на 100.000, а највисока специфична инциденца од 115.1 на 100.000 е регистрирана кај возрасната група од 50 до 59 години (320 лица).

Најниска инциденца од 23.6 и 25.2 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0 до 9 и од 10 до 19 години, каде се пријавени 54, односно 63 случаи.

Треба да знаете
Последни објави