Индиската Влада почна една од најголемите евакуации во мирно време, со цел да врати многу Индијци заглавени во разни земји поради пандемијата на коронавирусот.
Меѓу 190.000 и 200.000 Индијци сакаат да се вратат дома. Повеќето од нив се работници во регионот на Персискиот Залив, каде што повеќе од 80 Индијци починаа од Ковид-19. Владата соопшти дека очекува бројот да се зголеми.
Во 1990 година, по избувнувањето на војната во Заливот, Индија дома врати 150.000 свои граѓани од Кувајт и соседните региони. Тогаш евакуацијата траеше 59 дена и вклучуваше околу 500 летови, како и бродови.
Во првата фаза од спасувачката операција што ќе трае од 8 до 13 мај, се очекува да се вратат 14.800 Индијци, изјави министерот за авијација Хардип Пури.
Во првата етапата ќе бидат вратени од 12 држави: Бахреин, Бангладеш, Велика Британија, Кувајт, Малезија, Оман, Филипините, Катар, Саудиска Арабија, Сингапур, Обединетите Арапски Емирати и САД.
Трошоците за враќање дома од САД ќе бидат околу 100.000 рупии (1.320 долари) за билет во еден правец. Цените на билетите за националната авиокомпанија „Ер Индија” започнуваат од околу 12.000 рупии.
Во првите седум дена од евакуацијата ќе бидат извршени 64 летови. Само до јужната држава Керала, од каде има многу работници во странство, ќе има 15 летови со кои ќе се вратат 3.000 луѓе.
Повеќе од 400.000 Индијци се регистрирале на веб-страницата на Владата на Керала за да се вратат, пишува весникот „Индиан експрес”.