Италијанската Влада ќе инвестира најмалку три милијарди евра свеж капитал во авиокомпанијата Алиталиа, соопшти министерот за индустрија, Стефано Патеаненели, презентирајќи го планот за национализација на таа авиокомпанија.
Рим има намера да ја врати контролата врз воздухопловната компанијата која работи со загуби и по 11 години приватна управа и три неуспешни обиди за реструктуирање.
Италијанската Влада беше принудена да ја откаже планираната продажба на Алиталија, затоа што веќе тешката финансиска состојба на компанијата беше дополнително влошена со откажувањето на летовите поради Ковид-19. Како дел од првиот пакет економска поддршка, вреден 25 милијарди евра, Владата во Рим издвои 500 милиони евра за секторот за воздухопловство во март, од кои повеќето ќе одат во Алиталија, пренесува Хина.
Алиталиа во моментов преговара со американската компанија „Делта ерлајнс” за иден заеднички деловен проект и со „Ер Франс-КЛМ” за продолжување на соработката на северноамериканскиот пазар, што истекува овој месец.