Премиерот Оливер Спасовски е задоволен од економските текови во земјава во услови на пандемија и вели дека домашните и меѓународните финансиски институции предвидуваат дека држават ќе има и помал пад, но и побрз рестарт на економијата, бидејќи, како што рече денеска во Пробиштип, како Влада се максимално подготвени да почнат со активности за враќање на животот во нормала.
Спасовски оцени дека ваквите предвидувања се должат на здравствените мерки кои се преземени навреме, уште на самиот почеток на пандемијата, но и на преземените економски мерки за да се задржат, што е можно повеќе работни места и да им се помогне на работниците и на социјално загрозените семејства.
-Сметам дека Владата имаше паметна одлука кога решивме да продолжат капиталните инвестиции, да имаме мерки за заштита на работниците, да направиме се што треба да се заштитиме при процесот на работење, но капиталните инвестиции да не смеат да застанат, заради тоа што тогаш најмногу ќе падне и економската активност. Така што сите мерки кои досега ги имаме дават резултати, изјави Спасовски при дешнешната посета на Пробиштип.
Тој нагласи дека и превентивните мерки придонесоа многу подоцна да се шири вирусот, а со тоа, посочи, и економската активност во државата да биде постабилна, а до средината на март да има и добри економски, фискални биланси на сите компании.
-На 3 март донесовме одлука превентивно да делуваме на граничните премини и на граничните премини на аеродромите. Тогаш ниту една од државите во опкружувањето не носеше никакви мерки. Ние ја сфативме ситуацијата за сериозна и сметавме дека ако преземеме превентивни мерки штетите ќе бидат помали, потенцира Спасовски.