Јанева: Камчев како да знаеше за ПИ мерките за „Империја”

Обвинителката Лиле Стефанова од моментот кога е избрана до ден денеска ја има мојата целосна поддршка за работа и за водење на истрагата за предметот „Империја”, изјави денеска во судот Катица Јанева, каде сведочи за предметот „Рекет” во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.

За предметот „Империја”, нагласи Јанева, веќе нема човек што не го знае, но нагласи дека тоа не е приказна, туку работа.

– Во 2017 година повторно почнавме да даваме таргети за прислушување. За предметот „Империја” се собираа разговори и се почна со еден разговор меѓу Дејан Панделевски и Миле Јанакиески за купувањето на земјиштето позади Рамстор. Орце Камчев доаѓаше и беше заинтересиран дали бил таргет во прислушувањето. Од други дознав дека бил многу среќен кога дознал дека не е таргет. Но, Орце Камчев заборавил да праша за неговите миленички кои, за жал, беа таргет и многу често им се исповедуваше. Посебно беше многу радосен кога во еден ден купи банка, ги купи ‘Зик Пелагонија’ и ‘Здравје Радово’. Колку имам да кажувам… ‘Нетаргетот’ Орце Камчев беше несекојдневно многу лукав човек. Тоа го знаев од почеток, за жал, некои други сѐ уште живеат во заблуда и, за жал, се конструира овој предмет врз изјава на лице на кое не треба ништо да му довериме, а не па да засноваме обвинение, рече Јанева.

Предистражната постапка за предметот „Империја”, според Јанева, се водела десет месеци од обвинителката Лиле Стефанова.

– Лиле Стефанова од моментот кога е избрана ја има мојата целосна поддршка за работа и беше пример како најискусна за водење на истрагата за Империја, кажа Јанева.

Нагласи дека од доказите обвинителката Стефанова ја известила дека има основа да побараат ПИ мерки и тоа судијката ги прифатила.

– Но, по сведочењето на Камчев, изгледа дека судијката Весна Димишкова, која ги прифати ПИ мерките како да се консултирала со некого. Од собраните материјали од ПИ мерките, обвинителката Стефанова, ми рече дека има доволно докази да се отвори предметот. Но, Камчев ништо не зборувал и како да знаел дека е прислушуван, изјави Јанева.

Посочи дека од претресот во домот и фирмата на Камчев, истражителите укажале дека затекнатите како да не биле изненадени за претресот, а телефоните биле заменети.

– Во домот на Камчев за време на претресот бил и сега осудениот Зоран Милевски, кој имал задача да ги замени телефоните, изјави Јанева.

Треба да знаете
Последни објави