Владата на Република Северна Македонија на 50-тата седница што се одржа денеска донесе одлука за скратување на забраната за движење за време на викенд.
Почнувајќи од утре (09.05), во сабота и недела, граѓаните ќе можат да се движат во периодот од 05:00 часот до 19:00 часот.
Според одлуката на Владата, во сабота и недела, сите млади лица под 18 години ќе можат да се движат од 13:00 до 19:00 часот, а сите возрасни граѓани над 67 години ќе можат да се движат од 05:00 до 12:00 часот.
Во сила остануваат сите други мерки за заштита од КОВИД-19 донесени од Владата.
Владата на Република Северна Македонија на денешната 50-та седница го задолжи Министерството за внатрешни работи, веднаш да го испита случајот со одржувањето на верскиот настан во текот на вчерашниот ден во Струга, како и прославата организирана од Министерството за внатрешни работи по повод одбележувањето на Денот на полицијата на Република Северна Македонија, кои претставуваат сериозно непочитување и прекршување на воведените забрани со одлуките, мерките и препораките донесени од страна на Владата, да утврди одговорност и да се преземат соодветни мерки кон одговорните лица и за истото да ја информира Владата на Република Северна Македонија.
На оваа своја седница Владата го осуди и вербалниот напад врз новинарот на ТВ Клан на настанот со кој се одбележуваше Денот на полицијата и побара од МВР да се поведе постапка за утврдување одговорност за ваквото однесување и да се санкционират сторителите.
Владата денеска донесе дополнување на Уредбата за примена на Законот за градење за време на вонредна состојба со која се продолжува рокот на важење на одобренијата за градење кој е истечен за времетраењето на вонредната состојба, како мерка за справување со последиците од коронавирусот за 60 дена од денот на престанокот на вонредната состојба.
Владата го прифати усогласениот текст на Протоколот за донација и Анексот кон Протоколот меѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Кралството Норвешка и ја овласти заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска да го потпише протоколот, кој освен мобилната болница ROLE 2 MTF на Армијата на Република Северна Македонија која е ставена во оперативна употреба како дел од Клиниката за инфективни болести во Клиничкиот центар Скопје, вклучува и финансиски средства во висина од 200.000 евра за потрошен медицински материјал.
Владата на оваа седница ја прифати информацијата на Министерството за труд и социјална политика со предлог реализацијата и спроведувањето на Проектот за користење бесплатна услуга одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток да се одложи, односно проектот да не се реализира за лето 2020 година.
На денешната седница Владата го именуваше Миле Сугарев за в.д. генерален директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија кој доаѓа од позицијата директор на Секторот за финансиски прашања на ФЗОРСМ.