Познатиот американски глумец Роберт де Ниро има желба, ако воопшто некогаш се снима филм за корона-пандемијата, да го глуми гувернерот на американската сојузна држава Њујорк – Ендрју Куомо.
– Куомо го прави она што би требало да го прави претседателот (на САД), истакна Де Ниро во видеоврската во емисијата „Шоуто доцна” (The Late Show) на Стивен Колберт.
Де Ниро (76) натаму вели дека може да го замисли гувернерот во Овалната соба, но сепак го поддржува Џо Бајден во претседателската трка годинава.
Глумецот изнесе уште повеќе критики околу тоа како претседателот Доналд Трамп се справува со епидемијата. – Имаше многу, многу предупредувања и пропусти и сега сите го плаќаме тоа. Можеби било и полошо, на некој начин, но никогаш вака, додава глумецот.
Некои медиуми во Њујорк веќе го гледаат Куомо како кандидат на наредните претседателски избори во САД во 2024 година.