„Во изминатите 24 часа се направени 242 тестирања. Потврдени се, 14 нови случаи, во Скопје – 5, во Прилеп – 2, во Тетово – 1 и во Велес – 6 случаи и со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја од почетокот на епидемијата, изнесува 1.586 лица. Бројката на оздравени е 1.099, на починати 90, а во моментот, активни случаи имаме 397 лица”, потенцираше министерот Филипче.
Министерот Филипче информираше подетално и во однос на состојбата во болниците, Клиниката и институциите. Во изминатото деноноќие, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени двајца пациенти со потешка клиничка слика, вкупно хоспитализирани се 42, на кислородна поддршка – 16, на механичка вентилација – четири пациенти. Во ГОБ „8 – ми Септември” има четири нови приеми, вкупно хоспитализирани се 20, од кои двајца се на респираторна машина. На инфективните одделенија во Битола, Штип, Велес, Прилеп, Куманово, Охрид и Тетово се хоспитализирани 52 пациенти.
„Утрово имавме состанок на Комисијата за заразни болести, бевме вклучени директно во Централниот штаб на Владата каде предложивме полицискиот час, за време на викендот да почнува од 19:00 часот и да трае до 05:00 часот, следниот ден утрото. Овој предлог ќе го дадеме и на денешната седница на Владата, по што ќе ја информираме јавноста. Во однос на олабавувањето на мерките, кое е планирано да се предложи од почеток на следната недела, практично од понеделник, останува да ја следиме состојбата и во текот на денешниот ден, да ги анализираме случаите и на утрешниот утрински состанок ќе излеземе со соодветни предлог – мерки до штабот и до Владата”, истакна министерот Филипче.
Во однос на вчерашниот собир во Струга, министерот Филипче рече дека тоа е еден чин, кој претставува непочитување на здравствените работници и на сите други кои пожртвувано работат за што побрзо да излеземе од оваа криза.
„Ова е непочитување и кон граѓаните, кои се придржуваат до мерките. Од првиот момент повикуваме на граѓанска солидарност, во интерес за заштита на индивидуалното и колективното здравје. Најостро ги осудувам сите, кои не ги почитуваат мерките и очекувам темелна истрага за собирот на граѓаните вчера во Струга. Институциите мора да ги санкционираат прекршителите и поревносно да делуваат во иднина за да се спречат вакви прекршувања”, изјави министерот Филипче.
Тој додаде дека сите досегашни мерки дадоа резултат, се стабилизираше епидемијата, намалувањето на бројката на нови случаи е токму резултат на ваквите рестриктивни мерки, кои голем дел од граѓаните ги почитуваат, а на ваков начин најгрубо се прекршуваат.
„Утрово разговарав со реисот од Исламската верска заедница (ИВЗ) и со поглаварот на Македонската православна црква (МПЦ). На двајцата им посочив и побарав апсолутно да се придржуваат до мерките во интерес на здравјето на граѓаните и да не се организираат собири на верниците. По информацијата, која денеска ја објави ИВЗ, дека на 12 мај се отвораат џамиите, сакам да повторам дека сè уште е на сила забраната за групирање на повеќе од две лица. Апелирам до верските заедници и до сите останати, да спречат било каква организација или групирање на своите поддржувачи, додека овие мерки се на сила. Верувајте, дека секое неодговорно однесување на поединци или на групи може да нè врати на почеток на кризата, а тоа истата ќе ја продлабочи и ќе се рефлектира на целокупното функционирање, не само на здравствениот систем, туку и на државата”, посочи министерот Филипче.
Министерот Филипче упати апел и до граѓаните да се воздржат од било какви собири, да се придржуваат до сè што е пропишано, препорачано и донесено од Владата. Да се почитува забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна маска, покривка на устата и на носот, кога растојанието меѓу граѓаните е помало од пропишаното.